Во периодот од 25 до 27 февруари 2025 година во Будимпешта, Унгарија, делегација од Министерството за внатрешни работи предводена од Помошник на Министерот на Центар за обука м-р Влатко Митковски, реализира посета на Центарот за полициска едукација и обука на унгарската полиција, седиштето на Министерството за внатрешни работи на Унгарија, како и Полициското училиштето за спроведување на законот во Сегедин, а воедно и Одделот за обука на службени кучиња К9.
За време на посетата е договорено склучување на Заедничка декларација за соработка меѓу двата Центри за обука, која ќе вклучува и Акциски план за спроведување на активностите, преку кои ќе се даде поддршка во процесот на реформи на нашиот Центар за обука со цел исполнување на европските стандарди за обука.
При посетата на унгарското Министерство за внатрешни работи, остварена е средба со г. Матијас Хегиалјаи, Заменик државен секретар за Европската унија и меѓународни прашања, со кој се разговараше на теми за соработка во областа на илегалната миграција, полициската соработка, полициските обуки особено во делот на борбата против радикализацијата и екстремизмот. На средбата беше изразена поддршка од унгарската страна за процесите на нашата земја за интеграција во Европската Унија.
Во рамки на посетата на Полициското училиштето за спроведување на законот – Сегедин, остварена е средба со Директорот на полициското училиште и од двете страни беа искажани цврсти заложби за унапредување на меѓусебната соработка. Двете страни се обврзаа за интензивирање на активностите опфатени со Меморандумот за соработка од 2018 година.
За време на посетата на Будимпешта, беше искористена можноста и за посета на канцеларијата на ЦЕПОЛ, каде бее остварена средба со Шефот на едниницата за меѓународна соработка. На средбата беше презентирана нашата иницијатива за формирање Регионална асоцијација на Центри за обука и полициски академии, за што беше побарана отворена поддршка од страна на ЦЕПОЛ.