Радев не негира барање за запирање евросредства за Скопје

„Ќе направиме сè што можеме за да го заштитиме бугарскиот национален интерес“. Ова е одговорот на бугарскиот премиер Румен Радев на новинарско прашање – дали ќе побара запирање на евросредствата за Северна Македонија.

Во продолжение на одговорот, најави дека следи нова тура убедување на европските лидери во исправноста на позицијата на Бугарија, со оглед дека во межувреме голем број од нив се расколебале. Тој потсети дека кога „пред години“ ја претставувал Бугарија во Европскиот совет, бил „сам против сите“: сите други земји членки иснсистирале Македонија веднаш да почне преговори за членство. Бугарскиот премиер се пофали дека потоа „успеал да ги убеди сите лидери да го променат нивниот став и да го осознаат проблемот со (не)почитувањето на човековите права, за да може во преговарачката рамка да се вклучи „најправденото нешто“ – впишувањето на Бугарите во македонскиот устав и исполнувањето на обврските особено од Вториот протокол“.

Но, оттогаш (2022 година), ситуацијата се променила.

„Сега, кога отидов на првата средба во Црна Гора, видов сериозни отстапувања во ставовите на тие лидери. Има расколебување во ставовите на редица европски лидери, настанато во времето кога мене ме немаше во ЕУ. Некој не си ја завршил работата. И сега ќе треба одново да вложуваме напори, да ги убедиме лидерите каде и како треба да се однесува Eвропа, како еден заеднички сојуз кој треба да ги штити интересите на сите граѓани во тој сојуз, и дека консензусот постигнат во јули 2022 година мора да се почитува. Тоа и ќе го направам“, најави Радев.

Тежок маратон
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски, неслучајно прогнозира маратонска патека во однос на аспектите на македонската евроинтеграција, поради грешката на претходната влада. Од 36-тиот роденден на ВМРО-ДПМНЕ повика да се испрати една силна порака која ќе допре до секој во европската престолнина.

„Местото на овој народ, на граѓаните на нашата Македонија е таму, на масата во Брисел со нив, како полноправна членка на Европската Унија. Но, драги браќа и сестри тоа нема да биде спринт или кратка трка. Подгответе се за маратон, затоа што ќе мора да се бориме да го исправиме она предавство и онаа капитулација којашто претходната најкорумпирана во историјата, македонска влада го направи за овој народ и за својата татковина“, порача Мицкоски.

 

 

DW