Болните од рак кои се лекуваат на Клиниката за радиотерапија и онкологија веќе пет дена се без неопходната терапија. Тие алармираат дека од петокот (17 јануари) има недостиг на шест лекови од биолошката терапија, а стравуваат дека за брзо време може да снема уште три други. Од Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија во Скопје велат дека проблемот е настанат поради административни процедури. Дополнителен проблем е што во декември е зголемен и бројот на пациенти на коишто им е неопходна терапија.
Несоодветно планирање на лековите
Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски во изјава за МИА вели дека се информирани за недостигот на одреден број лекови. Според него, терапија нема поради несоодветно планирање и зголемен број пациенти во декември.
„Фондот во 2024 година за УКРО одобри дополнителни пет милиони евра. Фондот работи на договор на зголемен буџет за 2025 година. И покрај напорите за зголемување на финансиите, УКРО треба да има јасни и транспарентни критериуми за вклучување на пациентите на посебните терапии. Треба да се воведе регистар на пациенти и други подобрувања за соодветно планирање и следење“, вели Клековски.
Кои лекови ги нема?
Според пациентите на Онкологија, во моментов има недостиг од лековите „atezolizumab (tecentriq)“, „bevacizumab (avastin)“, „palbociclib“, „ribociclib“, „fulvestrant“ и „cetuximab“. Тие стравуваат дека за брзо време може да ги снема и „trastuzumab emtansine (kadcyla)“, „nivolumab“, „cobimetinib“ и „vemurafenib“.
„Клиниката за онкологија не е во можност да одговори на зголемувањето на бројот на пациентите со метастатски канцери и тоа е една од причините зошто се појави овој недостаток. Како втора причина и нешто што ние пациентите го гледаме како позитивен исход, а тоа е се продолжува животот на пациентите и затоа подолго период имаат потреба од оваа терапија“, вели во изјава за МИА, Ана Марјановиќ, пациентка и дел од здружението „Хема-онко“. Тие бараат промени во Позитивната листа.
Од Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија во Скопје објаснуваат дека состојбата со достапноста на биолошката терапија е резултат на административни процедури, што се реализираат согласно буџетот за 2024 година.
„Овој буџет беше изработен во претходната година врз основа на проценките во тој период и не ги одразуваше целосно тековните потреби на клиниката. Дополнително, треба да се земат предвид и континуираниот пораст на бројот на онколошки пациенти, како и сложеноста на административните и финансиските процеси што влијаат врз набавката на лекови“, посочуваат од Клиниката.
Ревизорскиот извештај минатата година покажа дека бројот на пациенти во Северна Македонија кои се лекуваат на клиниката е во континуиран пораст. Ако во 2021 година имало 15.892 пациенти, во текот на 2023 година лекување побарале 17.196 лица. Ревизорите укажуваа дека е потребно Министерството за здравство да преземе активности за ангажирање на капацитетите во оние јавни здравстени установи кои имаат услови за тоа, со што би се овозможило прифиќање на дел од зголемениот број на онколошки пациенти, особено на оние надвор од Скопје, а со тоа и дисперзирање на здравствените услуги во оваа област, намалување на големиот наплив од пациенти со кој се соочува Клиниката и подобрување на квалитетот на здравствените услуги.
DW