Реализиран уште еден инфраструктурен проект на Министерството за спорт – Велес доби современа атлетска патека по ИААФ стандарди

Министерството за спорт успешно реализира уште еден проект од програмата за изградба и обнова на спортската инфраструктура. Велес доби современа атлетска патека според ИААФ стандарди со што во рекорден рок е исполнето ветувањето на министерот Борко Ристовски пред велешките спортисти и спортски работници кои со децении водеа битка за зачувување и реконструкција на овој значаен спортски објект.

Министерот Борко Ристовски заедно со градоначалникот Марко Колев и со најдобриот македонски маратонец, Дарио Ивановски, денеска официјално ја пуштија во употреба комплетно реконструираната атлетска патека на градскиот стадион во Велес која е направена според највисоки ИААФ стандарди и нуди најсовремени услови за тренинг и натпревари.

Ветувањата имаат тежина само ако ги исполнуваме, порача министерот Ристовски, изразувајќи задоволство од брзата и успешна реализација на овој капитален проект на Министерството за спорт.

„Драго ми е што излеговме во пресрет на барањата на велешани и што го исполнивме ветувањето. Оваа атлетска патека комплетно ја реконструиравме во рекодно време, почнавме кон средината на април и за два месеци патеката е готова. Ние како Министерство за спорт и како Влада ќе се трудиме секогаш да помагаме таму каде што барањата соодветствуваат на нашите можности. Најважно од сѐ е дека отпочнавме еден капитален бум низ целата држава. Вакви проекти реализираме низ целата држава и ова не е важно само од спортски аспект, важно е и за рекреирање, важно е и за социјалниот живот и за градење на вредности кои како Министерство за спорт сакаме да ги промовираме, особено меѓу младите“ – истакна Ристовски.

Вкупната вредност на проектот финансиран од Министерството за спорт, изнесува 19.290.000 денари, а со реконструкцијата која беше почната во април годинава, отстранет е стариот тартан, извршено е тампонирање, асфалтирање и поставена е нова еластична спортска подлога со ИААФ сертификат.

Атлетската патека е со вкупна квадратура од 4700 м2 . Од вкупната површина, 3900 м2 е подлога на кружната атлетска патека, а 800 м2 е подлога во просторот позади голот која е наменета за други атлетски дисциплини.

Патеката е исцртана со 6 ленти освен на правиот дел од 100 м поред трибината кој  има 8 ленти . Ширината на една лента е 1.22 м. Исто така патеката е маркирана за сите атлетски дисциплини по ИИАФ стандарди.

Ова е втор ваков проект на Министерството за спорт, по атлетската патека која беше изградена во Гевгелија во 2024 година, како дел од над 70 проекти што се реализирани во изминатите две години низ целата држава.