Рекорден број на пензионери во Германија

Бројот на пензионери во Германија, според извештај на весникот „Рајнише пост“, достигна нов рекорд.

„Вкупно, на крајот на 2025 година беа исплатени околу 19,1 милион старосни пензии. Ова претставува нов највисок досега забележан број“, наведува весникот во денешното (10.06) издание, повикувајќи се на податоци од Германското пензиско осигурување (ДРВ). Расходите за пензии, според тоа, изнесувале околу 301 милијарда евра.

„За голем дел од домаќинствата во Германија, пензијата е најважниот извор на приходи во староста“, изјави Ридигер Херман, претседател на претставничкото собрание на ДРВ. „Политиката мора да го земе тоа предвид во своите одлуки и да се погрижи пензиските исплати да останат сигурни и во иднина“, додаде тој, осврнувајќи се на тековните дебати за реформи.

Според податоците, речиси секој трет вработен оди предвреме во пензија со намалени примања: „Околу 30 проценти од сите новоодобрени старосни пензии во 2025 година беа со намалување. Во просек, овие пензии биле користени околу 33 месеци пред достигнувањето на стандардната старосна граница“, се наведува во извештајот.

Иднината на пензискиот систем е една од темите на средбата на врвот на владината коалиција со синдикатите и работодавачите што треба да се одржи вечерва. Притоа се очекува тие да се изјаснат за реформските планови на владата во областа на даноците, трудот, социјалните прашања и намалувањето на бирократијата.

 

 

DW