„Ривиера Газа“: Арапската лига против планот на Трамп

Во гаќи за капење и со коктел на плажа: видео создадено со помош на вештачка интелигенција ја прикажува визијата на Доналд Трамп за иднината на Појасот Газа.

На Самитот во Газа денеска, 4 март, во Каиро, државите од Арапската лига сакаат да се спротивстават на оваа визија за „ривиера на Блискиот Исток“.

Во објавата која неодамна беше објавена на официјалниот профил на Трамп на Инстаграм, Трамп се сонча во еден комплекс за одморање на плажа. До него, исто така во гаќи за капење, е израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Еден глас ветува: „нема веќе тунели, нема веќе страв, Газа на Трамп конечно е тука“.

Огорченост поради плановите за релокација
Во видеото не се споменува дека планот на Трамп вклучува протерување на околу два милиони Палестинци, најверојатно во Египет и Јордан. Идејата предизвика меѓународен бес. ОН соопштија дека таквиот потег може да се смета за етничко чистење.

Според ОН, околу 48 илјади луѓе биле убиени од страна на израелската армија на палестинска територија, а повеќе од 60 отсто од зградите се уништени. Воената операција се смета за одмазда на Израел за терористичкиот напад на Хамас врз земјата од 7 октомври 2023 година. Околу 1.200 лица беа убиени во нападот, а околу 250 Израелци беа земени како заложници во Појасот Газа.

Хамас е милитантна, исламистичка, палестинска група. Европската унија, како и САД, Германија и други земји ја оквалификуваа Хамас како терористичка организација.

Реконструкцијата чини милијарди
Според проценките на Светска банка, за реконструкција на Појасот Газа ќе бидат потребни околу 53,2 милијарди американски долари (51 милијарда евра) во период од десет години. Во првите три години ќе бидат потребни 20 милијарди американски долари (19,2 милијарди евра) за обновување на основните потреби, обнова на инфраструктурата и поддршка на економското закрепнување.

На денешниот вонреден самит на Арапската лига за Појасот Газа во Каиро ќе се разговара повторно за обновата на регионот. „Јасната цел на Египет е да претстави алтернативен план на предлогот на Трамп за Појасот Газа“, вели за ДВ, Рикардо Фабијани, директор на проектот за Северна Африка во тинк-тенкот Меѓународна кризна група.

„Двата принципа на заедничкиот арапски предлог за обнова на Појасот Газа се идна политичка стратегија заснована на решението за две држави. Нема никакви предлози за протерување на локалното палестинско население“, вели Фабијани.

Консултации со Хамас?
Плановите за иднината кои ќе се разгледуваат на самитот на 4 март би можеле брзо да наидат на ограничувања. „Нема премногу опции кои и Американците и Израелците би ги сметале за прифатливи“, објаснува Фабијани. Израел повеќекратно става до знаење дека не поддржува формирање независна палестинска држава. „Арапските шефови на држави исто така ќе предложат формирање на комисија составена од експерти кои би можеле да ја надгледуваат реконструкцијата“, наведува Фабијани. Сепак, таков комитет од инженери, архитекти, економисти и планери би морал да биде прифатен и од Хамас во Газа. „Клучно за Египет ќе биде организацијата Хамас да не е директно вклучена во преговорите, но сепак да биде консултирана во однос на напорите за обнова во Појасот Газа“, вели Фабијани. Израелците пак, во никој случај не сакаат да ја вклучат Хамас во процесот, а САД исто така се многу скептични.

 

 

DW