Рубио: Хамас мора да се искорени

Американскиот државен секретар Марко Рубио на 16 февруари целосно ги поддржа воените цели на Израел во Појасот Газа, велејќи дека Хамас „мора да се искорени“ и ставајќи ја иднината на несигурниот прекин на огнот во дополнителен сомнеж, јавува новинската агенција Асошиетет прес.

Рубио се состана со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Ерусалим на почетокот на регионалната турнеја. До оваа посета дојде откако пред десет дена американскиот претседател Доналд Трамп соопшти план без детали со кој е предвидено да го пресели палестинското население од Појасот Газа и да го развие под американска сопственост.

Нетанјаху го поздрави планот и рече дека тој и Трамп имаат „заедничка стратегија“ за иднината на Газа. Повторувајќи го Трамп, тој рече дека „портите на пеколот ќе бидат отворени“ доколку Хамас не ослободи десетици преостанати заложници киднапирани во нападот на 7 октомври 2023 година што ја предизвика војната.

Нивните забелешки дојдоа само две недели пред да заврши првата фаза од прекинот на огнот. За втората фаза, во која Хамас треба да ослободи десетици преостанати заложници во замена за повеќе палестински затвореници, трајно примирје и повлекување на израелските сили, допрва треба да се преговара.

 

 

slobodnaevropa.mk