Русија и Кина ќе го искористат одложувањето на Македонија во ЕУ, му пишаа на Блинкен група конгресмени

Северна Македонија и Албанија ја завршија потребната работа и припаѓаат во европската сфера, a продолжувањето да се одложува овој процес само ќе им овозможи на малигните актери да ја искористат оваа неизвесност, напишаа во писмо до државниот секретар на САД Ентони Блинкен група од 19 конгресмени, кои побараа администрацијата на Бајден да го зголеми дипломатскиот ангажман во Западен Балкан.

Конгресмените велат дека со оглед на неиспровоцираната руска инвазија на Украина, поважно од кога било е САД да ги продлабочат ангажманот и вклученоста во регионот.

„САД треба да се фокусираат на работа со релевантните засегнати страни каде што е соодветно за да го олеснат процесот на пристапување во ЕУ и да промовираат поголема регионална стабилност“, се вели во писмото иницирано од демократската конгресменка од Невада Дина Титус.

извор/фото: Глас на Америка