САД: Волц ја презеде одговорноста за безбедносниот скандал

Разговорот меѓу високи американски функционери во чет група, на кој беше поканет новинар, и натаму предизвикува бурни реакции во Вашингтон, бидејќи беа објавени информации релевантни за безбедноста. Вината ја презеде Мајк Волц.

Советникот за национална безбедност на американскиот претседател Доналд Трамп, Мајк Волц, ја презеде „целосната одговорност“ за случајно споделување на дел од плановите за американски воени напади во Јемен против Хутите во група за разговор со новинар. „Ја преземам целосната одговорност. Јас ја основав оваа група”, изјави Волц на Фокс њуз во своето прво интервју откако инцидентот излезе во јавноста.

Волц го објасни инцидентот велејќи дека бројот на новинарот можеби бил зачуван во неговиот телефон затоа што мислел дека е број на некој друг. Тој лично не го познава главниот уредник на „Атлантик”, Џефри Голдберг, кој го објави инцидентот во понеделникот.

Волц беше дел од чет групата на апликацијата „Сигнал“ во која, меѓу другите, американскиот државен секретар Марко Рубио, потпретседателот Џеј Ди Венс и секретарот за одбрана Пит Хегсет разговарале за конкретни планови за напад против јеменската милиција Хути. Волц очигледно по грешка го поканил главниот уредник на списанието „Атлантик”, Џефри Голдберг, во групата за разговор.

Инцидентот предизвика значителни шокови во Вашингтон. Претседателот Доналд Трамп во интервју за Ен-Би-Си изјави дека Голдберг не бил додаден во групата за разговор лично од Волц, туку од негов вработен. Тој го отфрли инцидентот како „гаф“ кој „не е сериозен“. Сигнал, според него е апликација „која ја користат многу луѓе“ и наводите против Волц се неправедни. „Тој е многу добар човек и ќе продолжи да врши добра работа“. Освен тоа, во групата не биле разменети никакви тајни информации, изјави Трамп. Тој претходно се исмејуваше со „Атлантик”: не е „голем обожавател“ на либералниот магазин.

Освен тоа, Трамп на неговата онлајн мрежа Truth Social сподели и објава од технолошкиот милијардер Илон Маск на услугата за кратки пораки X. Во неа, Маск се повика на статија од сатиричното списание The Babylon Bee, која алудира на наводно малубројна читателска публика на „Атлантик”. „Најдоброто место за да се скрие леш е на втората страна на ‘Атлантик’ – затоа што никој никогаш не гледа таму”, се вели во текстот.

Но во јавноста во САД постојат значителни грижи и прашања за тоа зошто луѓето од Трамп ја користат апликацијата за да разговараат за такви чувствителни теми – и кои безбедносни правила биле игнорирани во процесот.

 

 

 

DW