Соединетите Американски Држави (САД) и Украина се блиску до финализирање на договорот што ќе им даде на САД права врз вредни украински минерали, потег на којшто администрацијата на Трамп инсистираше како компензација за воената помош дадена за Украина за спротивставување на руската инвазија, се вели во нов извештај, јавува Анадолу.
Договорот можно е да биде финализиран уште денес, иако преговорите сѐ уште се во тек, објави „Волстрит журнал“, цитирајќи извори запознаени со преговорите. Конкретните услови на договорот остануваат нејасни.
Украина првично одби да го потпише договорот претходно оваа недела, што доведе до тензии меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Владимир Зеленски, и ја зголеми загриженоста за потенцијален јаз меѓу Вашингтон и Киев.
Во синоќешното видеообраќање, Зеленски сигнализираше напредок, велејќи дека американските и украинските преговарачи работат на предлог-договор.
„Ова е договор што може да ги зајакне нашите односи, а клучот е да се разработат деталите за да се обезбеди неговата ефикасност“, рече тој. „Со задоволство го очекувам исходот – правичен резултат“.
Американскиот државен секретар за финансии, Скот Бесент, му претстави на Зеленски предлог-договор за време на посетата на Киев минатата недела. Но, Украина тогаш одби да потпише, наведувајќи ја потребата од понатамошно разгледување и барањето за безбедносни гаранции. Украинските власти истакнаа дека имаат само неколку часа да го разгледаат предлогот пред тој да биде официјално претставен.
„Мислам дека тие го сакаат тоа. Тие имаат добри чувства во врска со тоа“, им рече Трамп на новинарите во Овалната соба вчера на прашањето за потенцијалниот договор со Украина за правата за нејзините минерали.
Првичното отфрлање на предлогот на Бесент од страна на Зеленски доведе до ескалација на тензиите, по што Трамп го нарече Зеленски „диктатор“ откако украинскиот претседател кажа дека Трамп бил под влијание на руските дезинформации.
Во четвртокот пензионираниот генерал-полковник. Кит Келог, претставник на Трамп за Украина, се сретна со Зеленски во украинскиот главен град Киев – средба што украинскиот претседател подоцна ја опиша како средба којашто „ја враќа надежта“. Зеленски истакна дека му наложил на својот тим да работи „брзо и многу чувствително“ на преговорите.
Според извор близок до украинската влада, Келог одиграл клучна улога во финализирањето на условите на договорот со градење доверба со Зеленски и други официјални претставници за време на неговата тридневна посета на Киев.
Спорот предизвика загриженост кај американските сојузници дека Трамп би можел да ја повлече поддршката за Украина, која три години зависеше од американската воена и финансиска помош за одбрана од Русија.
Трамп се залага за брз крај на војната меѓу Русија и Украина. Високи американски и руски претставници се состанаа во вторникот во Саудиска Арабија и се договорија да формираат тимови за да преговараат за решение.
Но, Зеленски изрази фрустрации поради исклучувањето од разговорите, велејќи дека Украина нема да прифати никаков договор за кој не била вклучена во преговори.