Министерот за здравство, Беким Сали, на денешната прес-конференција истакна дека пет институции поврзани со Министерството за здравство ќе го анализираат поединечно секое досие на ковид пациентите кои со хемофилтрација биле лекувани во приватната клиника „Жан Митрев“.
-Побаравме соработка на пет институции кои се поврзани со Министерството за здравство: ДСЗИ, Лекарска Комора, МАЛМЕД, Комисијата за интрахоспитални инфекции и Стручната комисија која ќе работи на анализа на секој поединечен случај за индикациите за примена на хемофилтрација во третирањето на ковид пациенти. Ние добивме материјали од ‘Жан Митрев’, беа соработливи и ни ги доставија сите побарани материјали. Се работи за 560 пациенти кои биле третирани со хемофилтрација. Ќе ни треба време за анализа на тие 560 досиеја кои се обемни, затоа што имаме пациенти кои престојувале таму и по еден месец. Целиот тој третман треба да се анализира од експерти, лекари кои цел живот тоа го работат. Тоа се групи формирани од четири клиники: Кардиохирурија, Инфективна клиника, Интензивна и Нефрологија. Ќе го анализираат секој поединечен случај и мора да напишат извештај на секој поединечен случај. 560 предмети, да бидеме реални, ќе ни одземат доволно време за на крај на јавноста да ѝ дадеме конечен прецизен извештај што се случувало. Меѓутоа, дозволете да ја работиме нашата работа затоа што сите ние сме дел од општеството. Не би сакал во ниту еден момент кој било да гледа еднострано – нагласи Сали.
Министерот посочи дека е подготвен да биде во комуникација со новинарите 24/7, но повторно побара простор и време за, како што рече, да се заврши работата како што треба. Тој кажа дека мора да се видат сите страни. Предвременото давање информации, според него, може да биде злоупотребено.
Документарното истражување на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), насловено „Нечиста крв“, сè уште ја бранува јавноста.
Според истражувањето на ИРЛ, приватната болница која прими најмногу пациенти за време на ковид-19 пандемијата и во која лекувањето чинеше десетици илјади евра, го применувала методот хемофилтрација (филтрирање на крвта) кој, практично бил клиничка студија. Наспроти домашното законодавство, клиничките студии не биле пријавени и одобрени од МАЛМЕД.
Во научните трудови објавени врз основа на клиничките студии во „Жан Митрев“ пишува и дека значителен дел од пациентите добиле интрахоспитални инфекции за време на лекувањето. Тоа го тврдат и дел од роднините на починати пациенти во болницата. Според Центарот за јавно здравје – Скопје, клиниката „Жан Митрев“ ниту еднаш не пријавила појава на интрахоспитални инфекции, иако по закон треба да го извести овој државен орган.
фото: Архива