Сашо Дранго повеќе не е заменик-директор во „Македонија пат“, обвинителството води предистрага

Сашо Дранго повеќе не е заменик-директор на Јавното претпријатие „Македонија пат“, а на негово место е назначен Александар Шуковски, економист од Ресен.

Информацијата ја објавија повеќе медиуми, а и самиот Шуковски објави за новата функција на социјалните мрежи.

„Дадената доверба е голема обврска, но и одговорност, затоа можам да ветам, дека напорно ќе работам за да ја оправдам довербата која ми е дадена“, напиша Шуковски.

Покрај тоа што не е на функцијата во „Македонија пат“, Основното јавно обвинителство отвори и предистрага за Дранго откако пред околу два месеци беше објавена фотографија на која тој позира со убиена мечка.

„Извршен е распит на пријавеното лице, а во тек е вештачење на неговиот мобилен телефон. Надлежниот јавен обвинител издаде и повеќе наредби до Министерството за внатрешни работи од кои по дел сè уште се постапува. Кај пријавениот по барање на јавен обвинител и врз основа на судска наредба беше извршен и претрес“, соопштија од ОЈО Битола.

 

 

slobodnaevropa.mk