Светската популација достигна 8 милијарди

Светската популација во петокот достигна 8 милијарди луѓе, што е пресвртница во човечкиот развој, проценуваат Обединетите нации (ОН), јавува Агенција Анадолија (АА).

„Превртницата е повод да се слават различностите и напредокот, а истовремено да се земе предвид заедничката одговорност на човештвото за планетата“, рече генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш во претходна изјава во четвртокот.

Иако стапката на раст е намалена, се очекува човечката популација во светот да продолжи да расте, што се припишува на подобрувањата во јавното здравје, исхраната, личната хигиена и медицината.

„Иако на глобалното население му беа потребни 12 години да се зголеми од 7 на 8 милијарди, ќе бидат потребни приближно 15 години – до 2037 година – за да достигне 9 милијарди, знак дека вкупната стапка на раст на глобалното население забавува“, соопштија од ОН.

Индија е подготвена да ја престигне Кина како најнаселена земја во светот во 2023 година, проценуваат ОН.

Осум земји, имено Демократска Република Конго, Египет, Етиопија, Индија, Нигерија, Пакистан, Филипини и Танзанија, ќе имаат повеќе од половина од предвидениот пораст на светската популација до 2050 година.

Во 2019 година, просечниот животен век при раѓање достигна 72,8 години, што е зголемување за околу девет години од 1990 година, додека се очекува дека дополнителното намалување на смртноста ќе доведе до просечна глобална долговечност од околу 77,2 години во 2050 година.

 

извор:Агенција Анадолија (АА).

фото: Агенција Анадолија (АА). Автобуска станица Ананд Вихар во Њу Делхи, Индија (Фото: Амарџит Кумар Синг / AA)