Се затвора фабриката по 127 години работа: Последното „Моцарт топче“ произведено во Австрија

Се затвора фабриката „Mirabel-Werk“ во Гредиг, во близина на Салцбург, каде што повеќе од еден век се произведуваше познатиот „Echte Salzburger Mozartkugel“.

Последната топка од 17,1 грам чоколадо со мешавина од марципан, ф’стаци и нугат е произведена на 5 декември со што се означи крајот на една ера, пишува австриски Курир.

Корпорацијата „Монделес“, сопственик на сите права на овој симбол на австриската традиција, одлучи да го прекине производството во Австрија.

Се планира производството да се пресели во Полска или Чешка, но деталите остануваат нејасни.

Одлуката предизвика незадоволство, како кај вработените, така и кај локалната заедница.

„Тоа беше постепен крај“, вели Катарина Линднер, менаџер за квалитет, која работи во фабриката речиси десет години. Бројот на вработени е намален од 160 на само 40, а останатите до крајот на годинава ќе си заминат од работа.

„Salzburg Schokolade“, компанијата која досега произведуваше Моцарт топки за Монделес, не закрепна по банкрот во 2021 година. Како причина го наведуваат поскапувањето на суровините, енергијата и транспортот.

Зградата на фабриката, поради одбивањето да се пренамени во станбен простор, најверојатно уште долго ќе остане празна, додека опремата ќе се продава или демонтира. Ова го означува крајот на 127-годишната традиција, а Салцбург губи еден од своите најпознати гастрономски симболи.