Се зголемува старосната граница за пензионирање – Мажите во Македонија ќе одат во пензија на 67, а жените на 65 години

Да се оди во пензија на 67-годишна возраст, а границата да се крене од почетокот на 2026 е една од мерките предложени од Фискалниот совет, кои треба да се преземат за да се обезбеди стабилноста на Пензискиот фонд.

Станува збор за Фискалната стратегија за периодот 2025-2029 година. Меѓу другото, се предлага и зголемување на придонесот што се одвојува за обезбедување редовна исплата на пензиите. Еве што пишува во овој документ усвоен од Собранието.

Определбата за задржување на истите стапки на пензиско и инвалидско осигурување со значителното линеарно зголемување на пензиите на два пати по 2.500 денари не само што ќе го зголеми јазот помеѓу приходи од придонеси и расходи за пензии, а со тоа и потребата за покривање од Буџетот на државата, туку на подолг рок уште повеќе ќе ја наруши фискалната одржливост на ФПИОМ.

Фискалниот совет е на мислење дека за одржување на ФПИОМ, намалување на фискалните ризици и консолдација на буџетот во наредниот среднорочен период, потребни се дополнителни мерки, како зголемување на работниот век на вработените, така и постепено (макар и благо) зголемување на стапката на придонесот за ФПИОМ (тековно е 18,8%), која моментално е за 2,4% помала во однос на 2008 година кога изнесуваше 21,2%. Кога на оваа би се додало стареењето на населението, а со тоа и секоја година зголемувањето на бројот на пензионери за околу 1500-1700 нови пензионери, придружено и со преференцијата за емигрирање на младите во странство, а со тоа и релативно намалување на покриеноста на пензионите приходи со наплатените придонеси, проблемот уште повеќе станува комплексен. Оттука, фискалната одржливост на Фондот за ПИОМ претставува посебен фискален ризик.

Имајќи го во предвид значителното намалување на невработеноста, недостатокот од квалификувана и професионална работна сила Фискалниот совет цврсто препорачува од почетокот на 2026 година да се зголеми старосната граница за пензионирање за мажи и жени на 67 години и истовремено да се зголеми стапката за пензиско осигурување за 0,7 процентни поени, односно да изнесува 19,5%. Потоа во 2027 година би се направила дополнителна анализа на фискалната одржливост на ФПИОМ и во зависност од трендот и потребата би требало постепено да се зголемува стапката на најмалку 21% до 2029 година“.

извор: Република