Се намалува бројот на заразени, починати и хоспитализирани од Ковид-19

Минатата недела регистрирани сe 3.702 нови позитивни случаи, што е намалување од 39,5% во однос на претходната седмица. Процентот на позитивност се движел од 13,1% до 24,2%, просечно 18,6%.

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, во периодот од 21 до 27 февруари тестирани се вкупно 19.217 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 17,9% во однос на минатата недела.

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=1.975; 53,3%), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци – 394,1/100.000, Скопје – 311,4/100.000 и Гевгелија – 285,3/100.000.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60г (n=951, 25,7%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 години (n=194; 5,2%).

Во однос на претходната недела, се бележи намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи, а најмногу од 43,6% во возрасната група од 10-19 години и 43,5% кај лицата на возраст од 50-59 години.

Согласно новиот алгоритам за оздравување во текот на минатата недела со статус „оздравени“ се стекнале 6.094 лица во хоспитализирани услови или на домашно лекување. Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 543 реинфекции,од кои една е втора реинфекција, со намалување за 37,2% во однос на претходната недела.

Пријавени се 68 смртни случаи во 19 градови, за 45,6% помалку во однос на претходната недела.

Според извештаите од болниците, моментално се хоспитализирани 337 лица (23,3% помалку
во споредба со претходна недела), од нив 255 се на кислородна поддршка (14,1% помалку во
споредба со претходна недела), а девет на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација (18,2%
помалку во споредба со претходна недела).

Заклучно со 28.02.2022, вакцинирани се вкупно 870.405 лица со барем една доза на вакцина против COVID-19. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 849.727 лица, а со трета доза се вакцинирани 142.201 лица.