Силен земјотрес со магнитуда од 7,3 степени ја погоди јужната пацифичка држава Вануату. Во земјотресот загина најмалку едно лице, а оштетени се објекти и друга инфраструктура, јавува Анадолу.
За три часа во островската земја регистрирани се четири земјотреси, според Геолошкиот институт на САД (USGS) и Германскиот истражувачки центар за геонауки (Geofon).
Силниот земјотрес со магнитуда од 7,3 степени се случи 30 километри западно од главниот град на Вануату, Порт Вила. Следуваа уште три земјотреси со магнитуда од 5,4, 5 и 5,5 степени.
Најголемиот потрес во островската држава во јужниот дел на Тихиот Океан се случи на длабочина од 43 километри, соопшти Геолошкиот институт на САД.
Беше издадено и предупредување за цунами за Вануату, но подоцна беше тргнато.
„Ова е најлошиот земјотрес што јас или моето семејство го имаме доживеано… беше прилично силен“, изјави телефонски за Анадолу, Ден Мекгари, новинар од Порт Вила.
Има и лизгање на земјиштето во близина на „нашиот меѓународен бродски терминал и наша вистинска загриженост е дека тоа може да влијае врз нашето функционирање и закрепнување“, додаде тој.
Некои стари згради се срамнети со земја, додаде тој.
„Полицијата ми потврди дека има една жртва и дека има многу луѓе што добиваат медицински третман, а поставен е тријажен објект пред Централната болница“, додаде тој.
Новинарот рече дека земјотресот ја оштетил комуникациската инфраструктура и го нарушил снабдувањето со електрична енергија, а некои области пријавиле и прекин на водоснабдувањето.
Тој рече дека користел генератор за електрична енергија и бил поврзан со надворешниот свет преку Старлинк.
„Ова е многу рана фаза“, одговори тој на прашањето за степенот на штетата.
Во Вануату, кој се наоѓа во пацифичкиот Огнен прстен, има честа сеизмичка активност поради неговата положба на границата на неколку тектонски плочи.