Синдикатите немаат намера да ја менуваат минималната кошничка

Што е реалната цена на животот во Северна Македонија за четиричлено семејство? Премиерот Мицкоски бара преиспитување на методологијата на пресметка на синдикалната минимална кошничка. Синдикатите немаат намера да ја менуваат и порачуваат: Владата ако сака нека си прави своја“.

Доволни ли се околу 1.000 евра месечно за едно четиричлено семејство да ги покрие основните трошоци или навистина треба да се преиспита методологијата на синдикатите за пресметка на минималната потрошувачка кошничка?

Прашањето се отвори по коментарите на премиерот Христијан Мицкоски со кои ја доведе во прашање точноста на пресметките на минималната синдикална кошничка и истакна дека е неопходна измена во методологијата.

Според него, спорно е што потрошувачка кошница, освен основните продукти, содржи и цигари, нескафе и сезонско овошје.

„Еве јас во јануари дел од овие производи не ги пробав, како што се диња, лубеница, грозје, црешни, кајсии, праски, не испив 250 грама лименка нескафе, не пушам цигари, а таму се и цигари бидејќи малку е нелогично да имате цигари во минимална кошничка“, вели Мицкоски.

Тој додаде дека во пресметката треба да бидат вклучени сите засегнати страни, а дека цените за пресметка на кошницата не треба да бидат земени од поексклузивните супермаркети, ниту од најевтините, туку да биде избрана средина.

Коментарите дојдоа по седницата Економско-социјалниот совет на 3 февруари на која се дискутираше за минималната потрошувачка кошничка, а според најавите синдикатите, Државниот завод за статистика, Организацијата на потрошувачи и министерствата за економија и финансии на следната седница треба да дефинираат официјална потрошувачка кошничка.

Од ССМ за Радио Слободна Европа велат дека немаат намера да ја менуваат нивната кошничка, а дела владата ако сака слободно нека прави друга.

Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов претходно рече дека потрошувачката кошничка на синдикатот реално ги покажува потребите, но дека стојат на располагање доколку државата има потреба од нивната експертиза во пресметките.

„Доколку целта е да се докажува дека граѓаните можат да преживеат со многу помалку, тогаш би требало да се направи нова пресметка – не минимална, туку просечна кошничка, која би надминувала 2.000 евра и би ги одразувала реалните потреби на граѓаните“, рече Трендафилов.

 

 

 

slobodnaevropa.mk