Сиљановска Давкова: Балканската „Пандорина кутија“ не смее да стане европска

Обединување на власта и опозицијата за одбрана на државните интереси, предупредување за опасноста од билатеризација на преговарачкиот процес како и справување со ендемската корупција се дел од клучните пораки кои ги упати македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова од собраниската говорница.

Брисел е македонската стратешка дестинација, а патот до него, односно евроинтегративниот пат полесно и побрзо ќе се изоди ако по него се чекори со консензуален став на власта и опозицијата за одбрана на националниот идентитет и справување со ендемската корупција. Ова е пораката од годишното обраќање на македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова пред пратениците.

Сиљановска Давкова во својот прв говор во Собранието по нејзиниот избор истакна дека Европската Унија за неа е најпосакуваниот демократски политички систем и дом, од кој очекува храбри потези налик на оние во 2004-тата година кога во проширувањето беа опфатени 10 земји кои сега се членки на Унијата.

„Знам дека реалистите ќе коментираат дека ја критикувам ЕУ заради односот кон нас, бидејќи ние целиме кон Унијата, а не Унијата кон нас, но и јас имам право критички да размислувам како балканка која се доживува како Европејка и очекува европско однесување од ЕУ“, изјави македонската претседателка.

 

 

 

 

slobodnaevropa.mk