Скокот на цената на нафтата – тест за економијата

Цената на суровата нафта од типот Брент надмина 100 долари за барел, првпат по повеќе од три години. Кратко време по продолжувањето на тргувањето на Чикашката стоковна берза, цената стигна до 101,19 долари, што е за 9,2 проценти повеќе во споредба со цената при затворањето на берзата во минатиот петок. Американската сорта West Texas Intermediate (WTI) се продава за 107,06 долари за барел или за 16,2 проценти поскапо од минатиот петок. Последен пат кога американската сурова нафта се тргувала за над 100 долари за барел, било на 30 -ти јуни 2022 година, кога цената достигнала до 105,76 долари. Сортата Брент ваков ценовен скок последен пат имала на 29-ти јули 2022 година, кога цената стигнала до 104 долари.

Растот на цените уследи откако во текот на минатиот викенд израелската армија нанесе удари на ирански нафтени складови и терминал за претовар. Иран изнесува около 1,6 милиони барели нафта дневно, главно за Кина, која може да биде принудена да побара алтернативни достави ако иранскиот извоз запре, што е дополнителен фактор кој може уште повисоко да ги вивне цените. Преходно, Ирак, Кувајт и Обединените арапски емирати го ограничија производството поради намалената можност да извезат сурова нафта.

Снабдувањето е стабилно
И пред овој скок на цената, имаше видлив притисок пред бензинските пумпи во Македонија. Државниот пазарен инспекторат во изминатите три дена извршил повеќе од 270 инспекциски надзори на бензински пумпи низ државата, при што било утврдено дека кај дваесетина имало краткотраен привремен недостиг на гориво, коj траел само од еден до два часа додека се дополнат резервоарите. Причина за ваквата состојба била нагло зголемената побарувачка за гориво, која во одредени моменти била и до четири пати поголема од вообичаеното. Според премиерот Мицкоски, таков бил случајот на пумпи во погранични општини, каде имало голем притисок од купувачи од соседните држави, каде цената на енергенсите е за 40 до 50 проценти повисока од кај нас.

Целта е да имаме најевтини енергенси
Премиерот вчера порача дека ќе се бори граѓаните на Македонија да плаќаат помалку од другите во регионот.

„Енергетските пазари се чувствителни, динамични и се менуваат од час во час. Економиите се под жесток притисок. Стабилноста на многу држави е на тест. Во вакви времиња државите мора да бидат внимателни. Мора да бидат сериозни. И мора да бидат одговорни“, рече Христијан Мицкоски.

Посочи дека во вакви времиња најмалку што и треба на Македонија е политичка паника, а токму тоа го гледаат од СДСМ – ширење страв, фабрикување лажни приказни и создавање политичка хистерија.

„Кога од опозицијата манипулираат, како Влада деноноќно сме посветени на две работи. Прво, анализа и чекори за кризата која доаѓа предизвикана од случувањата на Блискиот Исток, но и пошироко. Владата нема да дозволи работите сериозно да се влошат и ќе реагираме. Мојата цел е да имаме најевтини енергенси коишто се точат во регионот, и покрај реалноста која кажува дека мора да има поскапување. Погледнете ги цените во соседните држави, за 40, 50, 60% се повисоки од тие коишто денеска ги имаат македонските граѓани. И тоа нема никогаш опозицијата да го признае (…) Ќе се борам и понатаму нашите граѓани да плаќаат помалку од сите останати во регионот. Токму и тоа беше целта на средбата со претставниците од нафтената индустрија“, потсети премиерот на средбата пред четири дена.

Функционира продуктоводот од Солун до Скопје
Резервите на нафтени деривати во Македонија се оценети како стабилни, а повторно почна да функционира и продуктоводот од Солун до Скопје.

Тој беше пуштен во функција во 2002 година за пренос на сурова нафта, а по 2013 година беше предмет на инвестиции за негова пренамена во инфраструктура за транспорт на дизел гориво.

Станува збор за систем во должина од 213,5 километри. Инфраструктурата располага со 15 блок-вентил станици за подобрено управување и високо ниво на безбедност, складишни капацитети од 80.000 кубни метри во Грција и 30.000 кубни метри во земјава, како и современ систем за следење на притисок, температура и проток во реално време.

Нема паника
Поради страв од ценовна спирала што ќе ги зафати и основните животни намирници, граѓаните во некои земји од соседството веќе почнаа да создаваат домашни залихи. Во Македонија таква слика – нема.

„Едно шише масло за јадење плус, или едно пакување брашно повеќе, не е трупање резерви. Тоа ми се вообичаени тековни набавки секој месец. Ги купувам истите количини, ни повеќе ни помалку“, објаснува купувачка.

Во домашните маркети нема празни рафтови ни панична набавка на резерви. Но, она што граѓаните го забележуваат е дека во рестораните или кога со достава ќе им стигне нарачка на храна од угостителски објекти – порциите се видливо намалени.

„Угостителите очигледно си бараат начин како да ги намалат трошоците“, реагира скопјанец за зачетоците на шринкфлација – кованица од зборовите инфлација (inflation) и (shrink), што значи смалување на производот.

Влијание врз економијата
Но, ова е побенигниот аспект на приказната. Тлее стравот дека конфликтот во Блискиот Исток може да има сериозни импликации врз домашната економија. Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, уверува дека Владата секојдневно ги следи настаните.

„Глобалните кризи секако ќе влијаат и врз нашата земја, и подготвени сме да реагираме. Сега е рано да се прогнозира колку ќе трае кризата и каков ќе биде економскиот импакт. Дел од меѓународните анализи покажуваат дека ако трае кратко конфликтот, ситуацијата ќе се стабилизира. Ако не, ќе имаме последици, но ќе реагираме како Влада со маржи. Односно, ограничување на маржите на 10% и на 5%. Ако кризата потрае уште повеќе, тогаш ќе одиме на замрзнување на цените на основните прехранбрени производи. Доколку се случи да се продлабочи кризата, тогаш сите административни процедури до крај ќе ги употребиме за да им излеземе во пресрет на граѓаните“, изјави за „Бизнис 21“ министерот Дурмиши.

 

DW