Слободен печат: Пејачот Ламбе Алабаковски ја потпали вратата од клубот на Бугарите!?

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски предмалку на својот Фејсбук профил соопшти дека е фатен сторителот кој ја потпали влезната врата на Центарот за култура „Иван Михаилов“ во Битола.

– Со задоволство можам да обзнанам брза и ефективна разрешница на случајот од пред три дена (04.06.2022) со кривично-правниот настан – пожар во центарот „Иван Михајлов“ во Битола, кој е веќе расчистен и имаме приведено лице кое го призна делото. Се работеше деноноќно да се изнајде сторителот, се земаа предвид сите докази, а по извршените службени разговори во изминатите денови, вчеравечер, со судска наредба, беше извршен претрес на две локации кои ги користи Л.А.(34) од Битола, при што се пронајдени и одземени предмети поврзани со кривичното дело, по што лицето е лишено од слобода. Уште еднаш покажавме дека единствената моќ што ја има секоја правна држава е моќта да го сузбие криминалот. И во овој сегмент нема „пардон“, нема заштитени лица – сите се еднакви пред лицето на законот, а секој којшто се огрешил – мора да одговара!, објави министерот Спасовски.

„Слободен печат“ неофицијално дознава дека уапсениот е популарниот македонски пејач Ламбе Алабаковски кој неодамна се врати со семејството од САД во родниот крај и изјави дека повеќе сака да живее во Македонија.

Описот на пироманот од Битола, го даде бугарската министерка Теодора Генчовска која веднаш по настонот се упати од Скопје во Битола каде беше брифирана за сторителот во полициската станица.

– На снимките на една од камерите можев да видам човек кој мирно пристигнува со велосипед, вади цевка со запалива течност и мирно ја истура течноста пред вратата од куќата. Оваа смиреност беше малку нарушена, бидејќи пожарот што избувна беше огромен, се исплаши, се сомневам дека лицето има некои повреди од овој пожар, можеби ќе побара лекарска помош. Човекот носи маска, рече Генчовска додавајќи дека лично смета дека ова „дело е направено ладнокрвно, смислено и намерно“, рече Генчовска и додаде дека овој настан нема да влијае на односите меѓу РСМ и Бугарија.

Инаку, пејачот беше најавен дека ќе настапи на мега концертот на „Меморија“ во сабота како специјален гостин.

 

Слободен печат