Службеници од неколку министерства секој ден од 11 часот ќе бараат покачување на платите за 30 отсто

Протестите, како што изјави претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, ќе продолжат секој ден од 11 до 11:30 часот, а во петок од 11 до 12 часот ќе се одржи протест пред Министерството за финансии.

– Почнуваме денеска бидејќи се одржува седница на Владата и апелираме на денешната владина седница да се стави точка на дневен ред, со што ќе се изнајде начин да се обезбедат средства од буџетот за решавање на овој долгогодишен проблем на вработените. Во изминатиот период од изборот на новата Влада, остваривме средби со речиси сите ресорни министри и по пат на преговори со нив, заеднички подготвивме Предлог – колективни договори, потоа со поддршка на ресорните министри беа испратени до Министерството за финансии. Овие Предлог – колективни договори беа поднесени до Министерството за финансии пред носење на Буџетот за 2025 година,  но, од неразбирливи причини, Министерството за финансии не одобри средства за нивно потпишување, изјави Деаноски на протестот пред Министерството за животна средина и просторно планирање.

Висината на платите на вработените во институциите кои денеска протестираат, како што нагласи Деаноски, почнува од 25.010,00 денари.

– Просечната плата во овие институции е околу 29.000,00 денари, а просечната плата исплатена на ниво на држава изнесува 42.124,00 денари. Додатокот што го бараме од 30 отсто значи дека вработените би добиле 6.000 денари зголемување на плата, но и покрај тоа, сите вработени повторно ќе бидат под просечната плата на државата. Ова наше барање е старо повеќе од четири години. За овој додаток на плата сме протестирале и сме штрајкувале години наназад, но, за жал, ниту една влада досега не излезе пресрет на нашите барања, подвлече Деаноски.

 

 

 

denesen.mk