– Бешир КЕЛЕЏИ
Рибари аматери кои на спротивниот брег преминуваат со „леден сплав“ на делумно замрзнатата река Чорух во Бајбурт, Туркије, го кршат мразот и ловат риба во ескимски стил.
Во Бајбурт, каде што времето е студено, ледениот слој достигна 30 сантиметри во некои делови на реката Чорух.
Во овој период кога температурата се спушта до 20 степени под нулата, жителите на селото Бајрактар го поминуваат слободното време во риболов со традиционални методи.
Рибарите аматери кои рано наутро пристигнуваат на брегот на реката, со секири го кршат слојот мраз дебел околу 30 сантиметри и ги фрлаат мрежите во водата.
– Удирајќи со гранки по мразот, обезбедуваат рибите да се фатат во мрежите
Селаните прават врева удирајќи со гранки по мразот и по некое време ги собираат кленовите, сомовите, краповите и сребрените риби (атерини) кои се фатени во мрежите.
Рибарите го кршат мразот каде што реката е поширока и го користат како сплав за да стигнат на другата страна на реката.
Рибарите, вложувајќи голем труд, дома носат дел од рибите што ги уловиле во заледените води на реката Чорух и ги ставаат во вреќи, а остатокот им го делат на соседите.
– „Го кршиме мразот и ја вадиме рибата од под него“
Осман Јилдирим, кој со години лови риба во реката Чорух со традиционални методи, за АА изјави дека во зима се занимава со риболов за да ги задоволи потребите за риби на неговото семејство и во спортски цели.
Истакнувајќи дека понекогаш имаат потешкотии поради дебелината на ледената прекривка и студеното време, Јилдирим рече:
„Рибите обично спијат под мразот. Затоа, ние сме приморани да го скршиме мразот и да ја извадиме рибата од под него. Мораме да вложиме малку труд, во спротивно ќе се вратиме со празни раце.“
Раскажувајќи дека со години во нивното село рибите се ловат со исти методи, Јилдирим рече: „И ние риболовот го продолжуваме на ист начин. Рибите што ги фаќаме им ги носиме на постарите во нашето село и на оние што не можат да дојдат да рибарат. Во лето се занимаваме со сточарство и не ловиме риба затоа што тие се во период на мрестење. Во зима заедно со децата ловиме риба за да се прехраниме.“
Угур Кочаноглу, еден од рибарите аматери, велејќи дека рибата ја ловат со традиционални методи, го истакна следното:
„Се разбира, има моменти кога ловиме многу риби. Кога ќе влезат премногу риби во мрежата, го земаме само она што ни е доволно и заминуваме. Рибата ја ловиме кога е сезона затоа. Не ги ловиме во лето затоа што се мрестат во тоа време. Во зима доаѓаме на секои две недели и ловиме доволно риба за нашето семејство. Го земаме она што е наша среќа тој ден, малку, многу, благодарни сме на тоа и си заминуваме.“
Кочаноглу рече дека користеле „сплав“ направен од мраз за да преминат на другата страна од реката додека ловат риба.
Али Јилдирим рече дека главно добро се забавува со луѓето на кои им се приклучува додека ловат риба во неговото село за време на викендите.
Раскажувајќи дека им требало еден ден да го скршат мразот и да ја извадат рибата од под него, Јилдирим го рече следното:
„Многу е забавно. Прават сплав и нѐ водат на прошетка со него. Бидејќи Бајбурт е зимски град и имаме долга зима, тоа е добра активност за нас.“