Србите како колатерална жртва на хрватската десница

Прво би сакале јасен и официјален одговор на прашањето колку и какво точно е нашето право на загарантирана културна автономија, и кога и каде – ни изјави Никола Вукобратовиќ, претседател на српското културно друштво „Просвјета“ во Хрватска. Со него разговаравме по досега невиден бран на вербално и физичко насилство врз Србите, барем во овој век.

Потсетуваме, во неколку хрватски градови во изминатите денови и овој месец беа организирани напади од ваков вид врз припадници на најголемото национално малцинство во Република Хрватска и врз нивните културни манифестации.

Сѐ започна со опсада на подрачјето на градскиот округ во Сплит, каде што требаше да се одржи настан во рамките на традиционалните Денови на српската култура, каде што маскираните насилници беа главно од редовите на, како што ќе се покаже, навивачката група на Хајдук „Торцида“ и здруженијата на хрватски воени ветерани. Стотина од нив на крајот побараа прекин на српскиот фолклорен собир, во што и успеаја.

На хулиганите им претходеа политичари
Со сличен обид беше продолжено пред Српскиот културен центар во Загреб, во пресрет на изложбата посветена на српскиот академик Дејан Медаковиќ, но тогаш интервентната полиција ги растера неколкуте десетици маскирани демонстранти. И во тој случај беше снимено масовното извикување на усташкиот слоган „За дом – спремни!“, заедно со кревање раце во фашистички поздрав и придружни навреди и закани.

Потоа, покрај спортската сала Замет во Риека, беше запрен нападот на група хулигани со стапови врз деца од Србија кои таму учествуваа на натпревар.

На крајот, од хрватски политички кругови беше побарано откажување на изложбата „Српски жени“ во Вуковар, закажана за 11 ноември, посветена на улогата на српските жени во Првата светска војна. Меѓу другите, откажување на настанот побараа градоначалникот на Вуковар, Маријан Павличек, и министерката за култура на Република Хрватска, Нина Обуљен Коржинек, која изјави дека изложбата „не е спорна поради нејзината содржина, туку поради впечатокот”.

Една недела подоцна, имено, таму требаше да се одбележи годишнината од воените страдања на тој град во српската агресија во 1991 година, иако српските претставници во Хрватска не го оспоруваат тогашното право на Република Хрватска на одбрана.

Но, треба да се напомене дека потезите на хрватските политичари во таа насока не само што ги следеа оние на хулиганите, туку во голема мера им претходеа. Станува збор првенствено за еден вид нормализација на усташката идеологија преку легализација на споменатиот усташки поздрав во највисоките државни институции.

Кампања со пошироки импликации
Денес пак, хрватските власти за ескалацијата на тензиите ја обвинуваат првенствено домашната левица, потоа Србите и, делумно, медиумите.

Во исто време, треба да се има предвид дека, непосредно пред овие настани, во хрватскиот парламент се одржа состанок на кој драстично беше ревидирано злосторството во усташкиот концентрационен логор Јасеновац за време на Втората светска војна.

Од друга страна, Никола Вукобратовиќ проценува дека Србите не се актери на конфликтот во оваа пригода, туку форсиран објект и колатерална жртва.

„Србите во Хрватска долго време не се ниту демографски ниту политички доволно значаен фактор за да бидат вистински протагонисти на конфликтот, иако неговиот исход ќе има големо влијание врз нашиот понатамошен статус“, изјави за ДВ претседателот на СКД „Просвјета“.

Тој верува дека целата оваа кампања, сепак, ќе има многу пошироки импликации кај сите оние кон кои очигледно не е директно насочена додека се настојува на „дисциплинирање” на Србите: „Многумина сега гледаат, не само десничарите, како да се качат на тој воз и да нè фрлат под него. Бидејќи или молчат за овие напади, или ги релативизираат, или им се придружуваат.“

 

 

DW