Средба на Доналд Трамп и Владимир Путин во Србија?

Луѓето во Србија ги обожаваат и рускиот претседател Владимир Путин и идниот американски претседател Доналд Трамп – па што може да биде пологично од тоа Србија да биде место на историска средба меѓу овие двајца?

Тоа отприлика го објави српскиот претседател Александар Вучиќ на телевизијата Пинк. „Ние сме целосно подготвени да ја гарантираме безбедноста на двајцата претседатели“, рече Вучиќ, тврдејќи дека, за разлика од другите потенцијални домаќини на состанокот, Србија ниту формално ниту суштински не е членка на воените блокови предводени од САД или од Русија.

Така „малата Србија“, како што често сака да каже Вучиќ, може да влезе во големата игра. Доколку официјален Белград навистина успее да се сретнат овие две светски сили во Србија, тоа несомнено би бил потег со кој Вучиќ би добил и политичка корист.

Ќе има многу понуди
Србија срамежливо се понуди и за првата, повторно „историска“ средба меѓу Трамп и Путин, кога милијардерот првпат стана претседател.

Таа средба се најавуваше повеќе од една година, а конечно се одржа во 2018 година во тогаш неутрален Хелсинки. Денес, Финска не доаѓа предвид, бидејќи стана членка на НАТО пред речиси две години, во екот на руската агресија против Украина.

Доналд Трамп се враќа во Белата куќа за неколку дена. Тој неодамна на новинарите во неговата резиденција на Флорида радосно им рече дека Путин сака да се сретне со него, додавајќи: „Ние сега се организираме“.

Тоа звучеше речиси како завршена работа, но портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, стави кочница, велејќи дека контактите се неопходни и дека е убаво што постои политичка волја – но дека сè уште нема конкретни подготовки.

Освен Србија, досега се „понуди“ и Швајцарија, иако ни приближно гласно. Според локалниот весник Темпс, официјален Берн им сигнализирал на Вашингтон, Москва и на Киев дека е подготвен да биде домаќин, но дека земјата официјално нема да преземе дипломатска иницијатива.

„Се споменува и Кина, а ќе има понуди и од други места“, вели за ДВ новинарот Момир Турудиќ. „Тоа ќе значи и дека местото ќе биде симболично, удобно и за двајцата, без напнатост. Значи, тешко дека ќе биде во Кина, иако со Трамп никогаш не се знае.“

 

 

DW