Средба на претседателот Пендаровски со Оливера Наковска – Бикова, европската шампионка во стрелаштво

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими македонската параолимпијка Оливера Наковска –Бикова, која го освои златниот медал на Европското првенство во стрелаштво во Хамар, Норвешка.

Честитајќи и за постигнатиот успех, претседателот Пендаровски на средбата со Наковска – Бикова истакна дека нејзиното постигнување е гордост за целата нација и инспирација за сите млади спортисти во нашата држава.

Според претседателот Пендаровски, особено радува фактот што Наковска – Бикова го повтори својот успех, 21 година по освојувањето на златниот медал на Европското првенство во Данска во 2001 година и ја надополни импресивната листа на своите спортски достигнувања на државно и на меѓународно ниво, меѓу кои е и освоениот златен медал на Параолимписките игри 2012 година во Лондон.

На средбата Наковска – Бикова ги престави и плановите за своите идни настапи.