Средба Шаќири – Чупи: повеќе образовни можности и поквалитетна едукација на мајчин јазик за иселениците во дијаспората

За тоа како да се прошират и промовираат можностите за образување на мајчин јазик, со цел опфат на што повеќе деца на иселениците кои имаат повремен или траен престој во земји од дијаспората, се разговараше на денешната средба на министерот за образование и наука Јетон Шаќири и министерот за дијаспора Џемаил Чупи.

Двајцата соговорници се согласни дека државата има обврска, но и капацитети да даде уште поголем придонес во оваа насока и да им овозможи на иселениците да имаат дополнителна и квалитетна настава на мајчин јазик, што е важно за зачувување на културниот идентитет.

Министерот Шаќири истакна дека МОН е отворено за продлабочување на соработката со сите други институции кои работат на ова поле и дека во интерес на нашите граѓани од дијаспортата, ќе се заложи за ангажирање на повеќе наставници од Северна Македонија кои ќе реализираат дополнителна настава на мајчин јазик за нив. Воедно, ќе се работи и на обезбедување достапност до современи наставни и дидактички материјали за оваа цел, кои ќе можат да се користат и електронски.

Министерот за дијаспорта Џемаил Чупи рече дека за државата е важно да се воспостави и база на податоци за високообразовани кадри и стручњаци од дијаспората, со кои би се интензивирала комуникацијата и кои би можеле на некој начин да помогнат во општествено – економскиот развој на Северна Македонија.

Во иднина, како што истакнаа соговорниците ќе се работи и на поголема промоција на програмите Еразмус плус и Еразмус мундус во средите училишта, со цел промовирање на можностите за поврзување и размена на знаења и искуства со нивните врсници од дијаспората кои имаат потекло од земјава.