Поранешната градоначалничка на Ниш, Драгана Сотировски, денеска е приведена на Граничниот премин Прешево, пренесува Анадолу.
Во тек се претреси на неколку локации во Ниш во продолжение на акциите против корупцијата, потврдија за Танјуг од Посебното одделение за сузбивање на корупцијата при Вишото јавно обвинителство во Ниш.
Покрај поранешната градоначалничка, српската полиција приведе уште четири лица.
Тие се сомничат за злоупотреба на положбата, со што на одредени фирми во периодот од 2022 до 2024 година им овозможиле да се стекнат со противправна материјална корист.
Полицијата низ Србија лиши од слобода десетици лица во рамки на низата истраги за злоупотреба на положбата и корупција, а како што е соопштено од МВР, истрагите и акциите продолжуваат.
Продолжуваат и протестите и блокадите во многу градови во Србија со барања за процесуирање на одговорните за падот на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад минатата година, при што загинаа 15 лица.
Со оставката на премиерот започнаа низа истраги во врска со реализацијата на повеќе проекти во повеќе градови во Србија.