Случајот со извештајот на Темелко Ристески јасно покажува дека СДСМ го употребува буџетот за партиски и предизборни активности. Службен документ, архивиран, од МО покажува за што, само во овој случај, се исплатени над 9.000 евра- за пишување партиски агитациски текстови и предизборни статуси во корист на СДСМ. Темелко Ристески не е случаен човек или човек кој што не знае што може да биде дел од таков службен извештај. МО, државниот секретар, исто така, го прифаќа овој извештај, документ, како нешто нормално, истакна портпаролот на ВМРО ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Во продолжение ја пренесуваме изјавата во целост:
Со тоа, овој документ покажува дека Темелко Ристески ги исполнува задачите за коишто е ангажиран од МО од страна на функционери на СДСМ- министер и државен секретар.
Почитувани, ова јасно укажува на степенот на партизираност на институцијата. Ова јасно укажува на злоупотреба на буџетот за партиски цели. Ова јасно укажува на самоволието и присвојувањето на буџетот во партиски и во изборни цели од СДСМ.
Само за Темелко Ристески, од буџетот, преку МО, 14 пати му се исплаќани по 30.000 денари, два пати по 45.000 денари, еднаш над 20.000 денари и уште неколку пати во помали суми.
За овие пари, Темелко Ристески пишува извештај до државниот секретар во МО, во којшто наведува цитирам “активно следење на изборната кампања и парламентарните избори до објавување на конечните резултати”, потоа дека напишал 10 објави на Фб за поддршка на коалицијата на СДСМ, дека напишал два агитациски текста објавени преку профилот на Партијата на пензионерите на фејзбук, а известува и за директни и телефонски контакти со претседател на политичка партија во насока на изборна агитација во корист на СДСМ.
Со тоа, Темелко Ристески точно ги дефинира работните задачи за коишто бил ангажиран и плаќан но со пари од буџетот на МО. Во спротивно, ваков извештај би бил бесцелен, односно овие активности не би биле наведени во него.
Притоа не смее да не се земе предвид дека станува збор за универзитетски професор, којшто точно знае што наведува и што е потребно да наведе во извештај за сработеното, односно оправдување на платениот ангажман.
Почитувани, ова е срамно и недостоинствено. Се работи за министерството за одбрана, клучното министерство на македонското членство во НАТО!
Извештајот на Темелко Ристески мора да биде основа и почетна точка за детална истрага не само од ДКСК, туку и за ЈО. Таа истрага мора да покаже уште колку вакви извештаи постојат, уште колку лица се ангажирани и плаќани со буџетски пари за партиски активизам. Јавната администрација за неколку години е зголемена за над 30.000 лица.
ЈО не смее да молчи по теркот на Љубомир Јовески. Овој случај е во фокусот не само на македонската јавност, туку и во фокусот на партнерите од НАТО. Ова е уште еден тежок срам и штета на угледот на Македонската Одбрана. Евентуален обид за забошотување на случајот од страна на ЈО е директно соучество во злоупотреба, бидејќи согласно законот, злоупотреба се прави со постапување но и со непостапување по индиции, во случајов Извештајот за сработените задачи од Темелко Ристески и потоа неговото директно признавање и потврда на автентичноста.
Почитувани, премногу е! Само брзи избори се спас од катастрофата!
видео: ВМРО ДПМНЕ
фото: ВМРО ДПМНЕ