Руската употреба на хемиско оружје фундаментално би ја променила природата на конфликтот, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, јавува Агенција Анадолија (АА).
Обраќајќи им се на новинарите пред вонредниот состанок на Самитот на лидерите на НАТО, Столтенберг наведе дека руската употреба на хемиско оружје во војната би значела „катастрофа за народот во Украина“ и би вклучила „широкораспространети и тешки последици“ за сојузниците во Алијансата.
Столтенберг не сакаше да шпекулира за конкретниот одговор на НАТО во случај на хемиски напад кој може да се прошири на земјите членки, но истакна дека „НАТО секогаш е подготвено да се брани, штити и реагира на каков било вид на напад“.
Тој додаде дека шефовите на државите и владите на земјите членки на НАТО на денешниот Самит ќе разговараат за „најсериозната безбедносна криза во генерацијата“.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски, исто така, ќе се вклучи во дискусијата по пат на видеолинк.
Се очекува дека лидерите ќе ја одобрат дополнителната поддршка за Украина, вклучително помошта во областа на кибербезбедноста, како и заштитната опрема против хемиски, биолошки, радиолошки и нуклеарни закани.
Столтенберг рече дека НАТО ќе распореди четири нови борбени групи во Бугарија, Унгарија, Романија и Словачка.
Во војната на Русија врз Украина, која започна на 24 февруари, најмалку 977 цивили загинаа, а 1.594 се повредени, според проценките на ОН. Повеќе од 3,6 милиони ја напуштија Украина во соседните земји, според Агенцијата за бегалци на ОН.
извор: Агенција Анадолија (АА).