Стотици земјотреси навестуваат вулканска ерупција на Исланд

Бројот на потреси на земјиштето во однос на претходниот ден се намалува, исто како и нивниот интензитет, истакнува за радио РУВ денеска експертот Бјари Калдалонос Фриис од Метеоролошката служба. Сепак, научниците не исклучуваат дека може да дојде до вулканска ерупција, доколку земјотресите не престанат.

Превентивно, ноќеска е евакуирана населбата Гриндавик со 3700 жители. Блиската најголема туристичка атракција на островот во Северен Атлантик, термалната бања Сина лагуна, е затворена. Авионскиот сообраќај на меѓународниот аеродром Кефлавик меѓутоа не е засегнат.

Точниот час на евентуална вулканска ерупција на полуостровот Рекјанес, југозападно од главниот град Рекјавик, не може да се предвиди, истакнува Фриис. Тунелот со магма поминува под Гриндавик, но можно е ерупцијата да се случи под морската вода. Серијата зачестени земјотреси започна пред  околу две и пол недели, оттогаш се регистрирани илјадници потреси. На полуостровот дојде до вулканска активност и во 2021, 2022 година како и летото годинава, таа исто така беше најавена со подолги земјотресни серии. Но, за населените области немаше опасност при овие ерупции.

 

DW