Стојаноски: Наместо носење закони за подобар живот на народот, Собранието работи само за носење на закон за судии и обвинители

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во неговиот говор на денешната седница на Собранието на која  како точка на дневен ред е и разрешување пратеник од позицијата член на Комисијата за избори и менувања, го праша претседателот на Собранието Талат Џафери како на пленарна седница ќе оди материјал кој не е дојден од комисија и како ќе потпише решение кога и самиот во интервју на национална телевизија кажа дека тоа не е според деловникот.

„Епа ќе видиме како ќе потпише решение заради тоа што има луѓе во оваа држава кои одговараат пред судовите, пред партиските судови заради тоа што почитувале, а ќе дојде еден ден со тоа потпишано решение се надевам дека од оваа комисија, па ќе има некој суд кој што ќе го праша господинот Џафери како тоа го потпишал решението, а притоа е стигнат материјал на пленарна седница кој не е поминат на комисија. Си го кажува тоа на национална телевизија и се надевам, односно сум сигурен дека еден убав сончев ден некој ќе се охрабри и ќе го праша исто како што ги прашува тие коишто почитувале деловник а невини одговараат пред судовите“, рече Стојаноски.

Тој истакна дека наместо на носење на закони за народот да живее подобро во изминатиов период целото Собрание работи како на брза лента како што треба само во два случаи, а тоа се  кога треба да се носат закони за обвинителство и закони за судии.

„Гледаме дека претседателот на Собранието како никогаш досега е ревносен да помине точка која што треба да го наполни Уставниот суд со партиски кадри и се поставува прешењето зошто е тоа така. Денеска можеме да видиме дека Уставниот суд ќе одлучува за уставноста за тоа како господинот Џафери станал претседател на Собранието во 2017 година и се се случува поради една причина, а причината е пред заминување од власт и напуштање на „Илинденска бб“ да се партизира судството и обвинителството до таа мера да утре истите овие луѓе коишто треба да бидат повикани на одговорност да не одговараат“ потенцираше Стојаноски.