Сурогат мајки родиле 12 деца во Македонија

За 10 години колку што постои законот кој дозволува жена под одредени услови да роди дете за друг брачен пар, во регистарот на Министерството за здравство се пријавени 42 брачни парови. Соговорници на РСЕ кои се обиделе да ја изодат постапката, велат дека законот во пракса тешко функционира – сурогат мајка е тешко да се најде, ниту смее да ѝ се плати. Порано за сурогат мајка се одеше во Украина, новата дестинација сега е Грузија.

Да можам сега да избирам, сурогат-мајка од Украина би ми била прва опција, а не трета, вели скопјанката Гордана (РСЕ не ѝ го употребува вистинското име) раскажувајќи го патот што го поминала да добие дете откако поради здравствени причини сите други опции се покажале невозможни за неа.

Гордана ја почнала процедурата во Украина во 2018 година, иако четири години претходно сурогатството (кога една жена раѓа дете за други родители)со закон беше овозможено и во Северна Македонија.

Закон на хартија има 10 години, но во пракса тешко функционира, па луѓето со таква макаи денес одат во Украина и особено во Грузија во последно време, вели таа.

Во овие две земји сурогатството е дозволено, плаќањето e законски регулирано, а спојувањето на сурогат-мајките со заинтересираните лица го прават специјализирани агенции.

„Кај нас, најголем проблем е што законот е оставен на алтруизам – на жената која ќе ти роди дете не смееш ништо да ѝ платиш. Од друга страна, ти треба сам да најдеш таква жена и со неа да одите на комисија во Министерство за здравство, па има процедура за прегледи, за одобрување…Во ова време на сиромаштија, алтруизам не функционира. Таква жена, за без пари, може да е мајка, сестра, пријателка.. а ако ја немаш? Требаше да се дозволи комерцијално сурогатство, бидејќи сега парите ги даваме во други држави, наместо да ги оставаме кај нас“, вели Гордана.

Во нејзиниот случај, процедурата траела околу година ипол. Платила 40.000 евра, колку што била цената пред седум години.

Од Украина се вратила со две деца, близнаци кои во септември ќе тргнат во прво одделение.

Гордана познава и други македонски семејства кои веќе нашле или бараат сурогат мајки во Украина и во Грузија.

 

 

 

 

slobodnaevropa.mk