Министерството за здравство ја информира јавноста дека медицинските тимови на здравствените установи и денеска се целосно ангажирани во обезбедување на соодветна медицинска нега за сите пациенти.
„Состојбата на пациентите се следи внимателно, а понатамошните медицински постапки се спроведуваат врз основа на конзилијарни одлуки.
Во текот на денешниот ден, пациентите се распределени по здравствените установи низ земјата, и тоа:
Клинички центар – 52 пациенти
ГОБ „8 Септември“ – 17 пациенти
Универзитетска клиника „Св. Наум Охридски“ – 12 пациенти
Клиника за токсикологија – 10 пациенти
Аџибадем Систина – 7 пациенти
Покрај обезбедувањето медицинска нега во земјата, дел од пациентите се транспортирани во здравствени установи во странство, благодарение на меѓународната поддршка и соработката со партнерските земји:
Литванија – 4 пациенти
Австрија – 2 пациенти
Словенија – 2 пациенти
Република Србија – 12 пациенти
Република Бугарија – 1 пациент
Во текот на ноќта и утрешниот ден се очекува медицински транспорт од Австрија, Грција и Хрватска, со авиони и хеликоптери за понатамошен трансфер на пациенти.
Министерството за здравство информира дека сите пациенти кои се префрлени во странство се во стабилна состојба и под континуирана медицинска нега.
Дополнително, во соработка со ЈЗУ Психијатриска болница и Клиниката за психијатрија, формирани се мобилни тимови составени од психијатри и психолози, кои обезбедуваат психолошка поддршка за пациентите и нивните семејства.
За сите кои имаат потреба од психолошко советување или помош, достапна е телефонската линија 078 378 754, каде што стручни лица обезбедуваат поддршка.
Министерството за здравство останува во постојана комуникација со сите надлежни институции и меѓународни партнери за понатамошна координација и поддршка.“ – напиша Таравари на својот Фејсбук профил.
24.mk