Телефонски разговор Путин-Трамп

Уште пред рускиот претседател да зборува за прекин на огнот во Украина, тој едвај чекаше да упати „зборови на благодарност“ до американскиот претседател Доналд Трамп „за тоа што посветува толку големо внимание на решавање на работите во Украина“, рече Владимир Путин на 13 март во Москва.

Тоа не беше коинциденција. „Путин сака Трамп да верува во неговиот интерес за договор“, вели Антон Барбашин, политиколог и главен уредник на аналитичкиот портал „Загатка Русија“. Путин не сака да го иритира Трамп како Зеленски. Рускиот претседател „сака да ги притисне сите потребни копчиња за да го натера Трамп да разговара со него и да постигнат договор“, вели Барбашин.

Но, замислата на Путин за тоа каков треба да биде договорот можеби е различна од онаа на Трамп. Американскиот претседател прво сака 30-дневен прекин на борбите меѓу Украина и Русија. Путин рече дека го поддржува тоа, но дека има „прашања за кои треба да се разговара“. На кои прашања мисли и што кажуваат тие за идното постапување на Русија?

Русија сака да ги прошири преговорите

Задршките на Путин, кои ги формулираше како прашања, се всушност јасни барања: украинските војници кои сè уште се борат на руска територија во Курската област би требало да се предадат. На Украина да не ѝ биде дозволена мобилизација на нови војници за време на прекинот на огнот. Западот да ја сопре испораката на оружје за Киев во овој период.

Според Путин, прекинот на огнот треба „да води до долгорочен мир и да ги елиминира причините за конфликтот“. Оваа неодредена формулација треба да ги насочи преговорите кон долгорочните цели на Москва во Украина. „Русија бара прекин на огнот што директно ќе води до мировни преговори“, вели Барбашин. Затоа Москва сака веднаш да обезбеди неколку отстапки. Меѓу другото, потврда дека Украина никогаш нема да биде дел од НАТО, „и тоа потврда како од НАТО, така и од Украина“, смета експертот.

Покрај тоа, во јавно искажаните воени цели на Путин е и барањето за целосно повлекување на Украина од регионите Луганск, Доњецк, Запорожје и Херсон, кои во моментов се само делумно окупирани од руските сили.

Дали Украина би се согласила?

Експерти блиски до Кремљ сметаат дека условите на Путин би можеле да бидат прифатени од Трамп. „САД би можеле да се согласат со барањето за ембарго за оружје, бидејќи Трамп не сака да троши уште повеќе американски пари за Украина“, пишува московскиот политиколог Сергеј Марков на неговиот канал на Телеграм. Натамошната мобилизација е толку непопуларна во Украина што нејзиното укинување всушност може да ја зајакне позицијата на украинската влада.

Но, во реалноста, САД, по кратка пауза, сега повторно ѝ доставуваат оружје на Украина. А, мобилизацијата останува единствен начин за нападнатата земја да ја одржи својата одбрана. Затоа се чини малку веројатно дека Украина би се согласила со ова.

„И покрај сè што слушаме од Вашингтон, Украина всушност сè уште има многу адути во ракав“, оценува за ДВ експертот за безбедност Дмитри Алперович. Таа би можела да одлучи да продолжи да се брани со европска помош, дури и без САД. „Би било многу потешко, но тие ја имаат и таквата опција“, вели политичкиот аналитичар.

Русија игра на картата време, без да го уплаши Трамп

Многу експерти сметаат дека Путин игра на картата време. Време кое на неговата армија ѝ е потребно за да ги протера украинските сили од сопствената територија во Курската област. И време за да се убеди Трамп за поопсежен договор, на пример на некој самит.

Ако му успее на Путин да ги наметне своите желби, „тоа ќе го отвори патот за многу поширока дискусија за европската безбедносна архитектура“, смета Антон Барбашин. Трамп, чиј скептицизам за НАТО не е тајна, би можел да се вклучи во оваа дискусија. За Русија тоа би било невидена шанса.

Притоа се чини дека опциите на Трамп да влијае врз Путин, се ограничени. И покрај санкциите, Владимир Путин и натаму може да се пофали со во голема мера сè уште функционална економија, која во голем дел е поттикната од воената индустрија.

„Трамп едвај има можности да се спротивстави на руско одбивање или на долготрајна привидна согласност“, пишува во свој коментар Александер Баунов од Центарот Карнеги за Русија и Евроазија во Берлин. „Најефикасен метод ќе биде морков наместо стап – искушение да се склучи голем договор“, проценува тој. А, тоа би било сосема во духот на Владимир Путин.

 

 

DW