Тимовите за подводна одбрана на Турција неутрализираа мина пронајдена недалеку од брегот на Игнеада, на Црното Море, блиску до бугарската поморска граница, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Во утринските часови мината беше детектирана недалеку од брегот на Игнеада, блиску до бугарската поморска граница, а тимовите на Подводната одбрана (SAS) во регионот беа брзо пренесени на местото“, соопшти турското Министерство за национална одбрана на Твитер.
Се додава дека мината е обезбедена од тимовите на САС и дека е започната интервенција за нејзино неутрализирање.
Во саботата, Турција повторно го отвори Босфорот, односно истанбулскиот теснец за бродовите откако накратко беше затворен поради мина.
„Тимовите на САС го испитаа објектот и открија дека тоа е стара мина и ја неутрализираа“, соопшти министерот за одбрана, Хулуси Акар.
Коментирајќи ги гласините дека подводните мини, поставени од Украина за да ги одвратат руските напади во тековната војна, пловат низ Црното Море, Акар рече дека и руската и украинската страна биле известени и дека координацијата е во тек.
извор: Агенција Анадолија (АА).