Тома Фила: Ако можеше дедо ми да е градоначалник на Скопје, зошто јас да не сум на Белград

Еден од најпознатите Македонци во Србија, адвокатот Тома Фила, на претстојните избори на сите нивоа во Србија е кандидиран од Социјалистичката партија (СПС) на Ивица Дачиќ за градоначалник на Белград. Тој е член на Претседатеството на СПС, досега беше пратеник на оваа партија во српското Собрание и деновиве ја води предизборната кампања, во која, меѓу другото, кажува дека Македонците во Белград ќе имаат единствена можност да имаат градоначалник Македонец, со македонско државјанство. МИА во Белград разговараше со Тома Фила за мотивите за кандидатурата, за Белград и Македонците, за прогнозите на изборите во Србија и односите меѓу Србија и Македонија.

МИА: Вие сте битолчанец, но цел живот живеете во Белград. Како дојде до тоа да бидете кандидат за градоначалник на Белград на изборите што треба да се одржат на 3 април?

Тома Фила: Јас сум Влав роден во Битола во 1941 година, Македонец со македонско државјанство и имам Фондација во Битола на Правниот факултет.

Мојот дедо беше градоначалник на Скопје. Тој го направи паркот по урнек на француските паркови, со вештачки езера по кои можеше да се весла со кајчиња, ја направи и Зоолошката градина. Тој беше градоначалник на Скопје од 1923 до 1926 година, и јас си кажав, па ако можеше дедо ми да биде градоначалник на Скопје, зошто не би можел јас да бидам градоначалник на Белград. Се надевам со помош на Македонците што живеат во Белград, кои ќе имаат единствена можност да имаат градоначалник Македонец!

МИА:  На овие избори на сите нивоа, на претседателските, на парламентарните и локалните избори со изборите за град Белград, вие сте кандидат на СПС под слоганот „Ивица Дачиќ за премиер – Тома Фила за градоначалник“. Познато е дека СПС речиси 10 години е во коалиција со СНС, но на овие избори настапувате одделно. Зошто?

Тома Фила: Секогаш одевме одделно, затоа што мораме да ја утврдиме својата вредност. Не сакаме да се шлепуваме и да кажуваме дека имаме толку и толку подршка. Сакаме да видиме јасно и гласно каде е СПС. Јас сметам на изборите за град Белград да добијам 7 отсто. Имавме 50.000 гласачи порано, а јас барам сега да бидат 100.000 гласови или, како што кажаа народот и комунистите, посакај „невозможно за да биде можно“.

Што се однесува за парламентарните избори, тука ние (СПС) сметаме на над 10 отсто, ако не и повеќе, а за претседателските избори, „тоа ќе се прошета Александар Вучиќ“, тоа е толку јасно!

МИА:  Во случај да победите и да станете градоначалник на Белград, кои ви се плановите?

Тома Фила: Пред сè да се исчисти Белград за да стане бел град како што му е и името. Второ е да се реконструираат сите убави згради, особено оние кои се под културна заштита. Трето е да се исчистат и да се измијат реките, како што се миеше Темза во Лондон, која е мала во споредба со Сава и Дунав. Последно што е битно за мене е да се видат сите договори.

Мојата адвокатска канцеларија е специјализирана да работи со криминалци и мене не може да ми помине ниту еден договор што е поврзан со урбанизмот ако не е чесен. Важно е и да се знае дека секој човек кој ќе се обрати до мојата адвокатска канцеларија, кој е загрозен од некој силеџија или му е направено нешто лошо од позиција на сила, кому му е забрането нешто на што има право, како и досега, ние ќе го застапувавме бесплатно и целата адвокатска канцеларија ќе ја префрлам во градската управа.