Трагедија во Јемен: Најмалку 85 загинати и 300 повредени во стампедо

Најмалку 85 луѓе загинаа во стампедо во главниот град на Јемен, Сана, што избувна кога стотици луѓе се собраа да добијат парични донации во училиште, соопштија денеска очевидци и медиуми под контрола на Хутите. Повредени се околу 300 луѓе.

 

Стампедото се случило додека трговците му делеле парична помош на населението во последните денови од Рамазан, соопшти Министерството за внатрешни работи на Хутите.

 

Според очевидци, цитирани од Ројтерс, луѓето чекале донации во износ од 5.000 јеменски риали (околу девет долари).

 

На видеата објавени на Telegram, може да се видат луѓе спакувани во толпата, некои од нив врескаат и викаат за помош додека обезбедувањето се обидува да го контролира собирот.

Двајца трговци кои организирале дистрибуција на помош се приведени и покрената е истрага, соопшти Министерството.

 

Во Јемен веќе осум години се води граѓанска војна, во која животот го загубија десетици илјади луѓе, економијата е уништена, а милиони гладуваат, наведува британската агенција.

 

nova.rs