Американскиот претседател Доналд Трамп на 4 февруари објави предлог според кој раселените Палестинци ќе го напуштат Појасот Газа, дозволувајќи им на САД да ја преземат „сопственоста“ на крајбрежната територија и да ја развијат економски во, како што рече, „феноменално“ место каде што многу националности би можеле да живеат во мир.
Трамп рече дека ова ќе се случи по преселувањето на палестинскиот народ во други земји за да ги извлече од, како што рече, „пеколната дупка“ од урнати згради по повеќе од една година војна меѓу Израел и Хамас, кој е прогласен за терористичка организација од Соединетите Држави и Европската Унија.
Трамп го даде изненадувачкиот предлог на заедничката прес-конференција со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, велејќи дека таков драстичен потег е неопходен, бидејќи другите идеи за ставање крај на деценискиот конфликт меѓу палестинскиот народ и Израелците не функционираат.
Неговиот предлог за Појасот Газа ќе доведе до тоа САД да го преземат и се чини дека ја нарушува долгогодишната политика на САД која повикува на решение со две држави за решавање на израелско-палестинскиот конфликт.
slobodnaveropa.mk