Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп повторно изјави дека сака преговорите со Русија за ставање крај на војната во Украина да започнат набргу откако ќе се врати во Белата куќа, но не даде конкретни информации за тоа кога тие ќе се одржат.
Трамп рече дека сака разговорите да започнат наскоро бидејќи „Русија губи многу млади луѓе, а исто така и Украина“.
Трамп на прес-конференцијата во неговиот имот Мар-а-Лаго на Флорида, не кажа дали и кога ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, но изјави дека таква средба нема да биде соодветна пред да биде инаугуриран на 20 јануари.
„Не можам да ви го кажам тоа, но знам дека Путин би сакал да се сретнеме“, изјави Трамп.
На крајот на декември, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека нема предуслови за средба меѓу американскиот и рускиот претседател.
Новоизбраниот претседател во текот на неговата изборна кампања изјави би можел да стави крај на конфликтот во Украина во рок од 24 часа по преземањето на функцијата. На прес-конференцијата Трамп изјави дека се надева оти ќе ги прекине борбите во рок од шест месеци.
Враќањето на Трамп во Белата куќа носи неизвесност за тоа какво влијание ќе има тој врз речиси тригодишниот конфликт и дали може да има преговори.
Но, Трамп на прес-конференција рече дека е решен да „го направи како што треба“, додавајќи дека тоа е „тешка задача“.
slobodnaevropa.mk