Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека се чувствува „многу посигурен“ во врска со постигнување договор за ставање крај на војната во Украина по разговорите на 18 февруари во Саудиска Арабија меѓу претставниците на САД и Русија.
По завршувањето на разговорите во Ријад меѓу американскиот државен секретар Марко Рубио и други американски претставници и руската делегација предводена од министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, Трамп изјави е се поубеден дека ќе се постигне договор.
„Мислам дека имам моќ да ја завршам оваа војна“, им рече тој на новинарите, говорејќи на прес-конференција во неговиот дом во Мар-а-Лаго во Флорида.
Тој рече дека можеби ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин овој месец и рече дека нема да се спротивстави на европскиот потег за испраќање мировни трупи во Украина, идеја што беше дискутирана за време на европскиот самит во Париз на 17 февруари.
„Ако тие сакаат да го направат тоа, јас сум за тоа“, рече Трамп, додавајќи дека Соединетите Држави не планираат да придонесуваат со војници во кој било контингент испратен во Украина за да се обезбедат безбедносни гаранции.
Тој, исто така, ја отфрли загриженоста на Украина за тоа што е изоставена од разговорите во Саудиска Арабија, повторувајќи го своето тврдење дека доколку бил претседател во 2022 година, можел да направи договор со Русија за да ја спречи инвазијата.
„Денес слушнав, ох, добро, ние не бевме поканети. Па, вие сте таму три години“, рече Трамп, мислејќи на Украина.
„Не требаше ни да започнете. Можевте да склучите договор“.
Трамп не појасни што сака да каже, но често за војната ја обвинува желбата на Украина да се приклучи на НАТО.
Експертите пак велат дека целосната инвазија на Русија била поттикната од империјалните амбиции на Путин, а не од амбициите на Украина за НАТО, која во тоа време имала мала поддршка од Западот.
Трамп додаде дека Украина треба да одржи избори, велејќи:
„Тоа не е работа на Русија, тоа е нешто што доаѓа од мене и доаѓа и од многу други земји“.
Други американски официјални лица сугерираат дека Украина би можела да одржи избори по договорот за прекин на огнот и тоа би било „добро за демократијата“.
slobodnaevropa.mk