Трамп размислува за нови санкции против Русија

Американскиот претседател Доналд Трамп смета дека се веројатни дополнителни санкции против Русија доколку рускиот претседател Владимир Путин одбие да преговара за договор за ставање крај на војната во Украина. „Тоа секако изгледа така“, одговори новиот претседател на САД на соодветно прашање на вчерашната (21.01.2025) прес конференција во Белата куќа. Трамп не наведе детали за можните дополнителни санкции, но потсети дека САД веќе воведоа „остри санкции“ против Русија за нејзиниот напад врз Украина во февруари 2022 година. По положувањето на заклетвата на функцијата американски претседател, Трамп во понеделникот (20.01.2025) даде исклучително критички коментари за Путин.

„Треба да се договори. Мислам дека ја уништува Русија со тоа што не склучува договор“, рече Трамп на денот на неговата инаугурација, мислејќи на рускиот лидер. „Мислам дека Русија ќе има големи проблеми.“, изјави новиот американски претседател.

Според Трамп, украинскиот претседател Володимир Зеленски веќе му рекол дека сака мировен договор за ставање крај на војната. „Но, потребни се двајца за танго“, додаде републиканецот.

Трамп досега се противеше на помошта од милијарди долари која САД ѝ ја обезбедија на Украина и сака брзо да постигне мировен договор. За време на предизборната кампања, тој дури изјавуваше дека може да ја заврши војната во рок од „24 часа“, но сега вели дека „шест месеци“ е временскиот рок. Сега тој повторно се покажа отворен за разговори со шефот на Кремљ и со Зеленски. „Кога и да посакаат, ќе се сретнам со нив.“

 

 

 

DW