Да се состави листа од 100 до 200 производи кои граѓаните секојдневно ги купуваат и тие реално да поевтинат наместо да се ограничи бруто-профитната маржа на 10 отсто како што предложи Владата, побараа трговците и дистрибутерите на средбата со министерот за економија на 14 февруари.
Од Министерството за економија соопштија дека конечна одлука ќе се донесе следната недела.
Даница Блажевска, претставник од Комората на трговци, изјави дека е подобро заедно со производителите и добавувачите да направат реално намалување на најнеопходните производи за секојдневно живеење кое ќе биде видливо за граѓаните.
„Бараме да се намали големиот број на производи кои се опфатени во мерката и да се сведе на 100 до 200 кои се вистински потребни, бидејќи сега се опфатени над 1.000 производи. Тоа создава проблем во секојдневното работење. Не може да се постигне доволна контрола, бидејќи се случуваат злоупотреби со картончињата на кои се напишани цените, ги вадат, паѓаат. Тоа, пак, ни создава голем ризик дека може да дојде инспекција и да ни најде дека е необележана цената“, изјави Блажевска.
slobodnaevropa.mk