Министерството за правда ќе предложи во иднина извршувањето на затворската казна на осудениот да се врзе со неговото место на живеење во последните две години, изјави министерот за правда Никола Тупанчески во неделното интервју за радио Слободна Европа. Неговиот коментар следува откако поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков, а претходно и бизнисменот Орце Камчев ги променија адресите на живеење во Охрид и создадоа правна основа за одржување на затворската казна во затворот во Струга.
„Испадна дека Струга е градот на затворски туризам. Се работи нели за закон од отворен тип и се разбира дека и во однос на безбедноста и условите за издржување на казната се попривилегирачки или подобри во однос на другите казнено поправни установи во нашата држава. Правна можност за тоа постои, но она што ние можеме да го направиме како правда во иднина, еве се менува и законот за извршување на санкции, каде што еве како идеја би можело да ставиме, односно би било добро „извршувањето на казната да се врзе со последните 2 години на живеалиште од пред извршување на кривичното дело. На таков начин ние би избегнале оваа апсурдна ситуација, или ситуација која можеби по малку наликува на злоупотреба или излегување од правата рамка“, вели Тупанчески во интервјуто.
Текстот во целост на: радио Слободна Европа
фото: PRTSC