Убедлива победа на Зоран Милановиќ на изборите во Хрватска

Зоран Милановиќ останува претседател на Хрватска. Тој, според нецелосните резултати од претседателските избори, во вториот круг освоил над 74 проценти од гласовите, додека неговиот противкандидат, поранешниот министер Драган Приморац, има освоено нешто под 26 проценти гласови.

Педесет и осум годишниот Милановиќ беше шеф на хрватската влада од 2011 до 2016 година и првпат беше избран за претседател во 2020 година. Пред две недели тој за малку пропушти победа уште во првиот круг од гласањето. Во вториот круг влезе како јасен фаворит против второпласираниот Приморац, кој имаше поддршка од владеачката ХДЗ. Според изборната комисија, одзивот на гласачите на изборите бил нешто помалку од 44 отсто, односно малку помал отколку во првиот круг од гласањето пред две недели.

„Благодарам Хрватска! Оваа победа ја гледам како признание за мојата работа во изминатите пет години и како порака од хрватскиот народ до оние што треба да ја слушнат“, изјави Милановиќ на забавата по изборите, мислејќи притоа на владата на премиерот Андреј Пленковиќ.

Поранешниот министер за образование и наука Приморац, кој се врати во политиката по 15-годишно отсуство, во првиот круг гласање доби 19% гласови. Во изборната ноќ, Приморац им кажа на разочараните поддржувачи дека со својата изборна програма се обидел да ја пренесе јасната порака „дека Хрватска може и заслужува подобро“. За време на изборната кампања, Приморац постојано го критикуваше Милановиќ како „проруска марионета“ и го обвини дека го поткопува кредибилитетот на Хрватска во ЕУ и НАТО. Иако претседателот ја осуди руската инвазија на Украина, тој постојано ја критикуваше воената поддршка на Западот за Киев. Милановиќ, исто така, се спротивстави на програмата во рамките на која хрватски војници требаше да помагаат во обука на украински војници во Германија.

 

 

DW