Уставниот суд, со мнозинство гласови, донесе одлука и поведе постапка за оцена на уставноста на членовите 17 и 18 од измените на Изборниот законик со кои се крена прагот за собирање потписи за независните кандидати и листи што планираат да учествуваат на избори.
Ваквите измени беа изгласани на 7 март 2024 и требаше да важат за локалните избори што треба да се одржат в октомври годинава.
Претседателот на Уставен суд, Дарко Костадиновски, изјави дека судот има сомнежи во уставноста на овие измени, бидејќи тие повредуваат темелни вредности како владеењето на правото и политичкиот плурализам, како и принципот на еднаквост на граѓаните.
„Измените на цензусот, направени во нетранспарентна постапка, ја повредуваат правната сигурност и предвидливост, кои се фундаментални принципи за владеење на правото. Отсуството на јавна и експертска расправа дополнително ги компромитира измените, кои се спротивни на меѓународните стандарди. Според овие стандарди, не е препорачливо најмалку една година пред избори да се прават суштествени измени“, рече Костадиновски.
Според него, законодавецот ги ограничил правата на граѓаните да се кандидираат за јавни функции со овие измени.
Законските одредби за кои денеска (26 февруари) одлучуваше Уставниот суд, значеа дека независните кандидати и листи за да се најдат на гласачко ливче, треба да соберат потписи од еден отсто од вкупниот број гласачи запишани во конкретната изборна единица (ако станува збор за парламентарни избори) или општина (ако станува збор за локални избори).
slobodnaevropa.mk