Утре во Косово ќе се одржат избори, трети за неполни 16 месеци

Изборната кампања во Косово беше одбележана не само со вообичаената конкуренција меѓу ривалските политички партии, туку и со пропаѓањето на еден од најважните политички сојузи во последните години – оној меѓу премиерот Албин Курти и поранешната претседателка Вјоса Османи.

Османи претходно беше политички сојузник на Албин Курти и ја имаше неговата поддршка кога беше избрана за претседателка на земјата од страна на косовскиот парламент во 2021 година. Во тоа време, двајцата се сметаа за иницијатори на промените и борбата против корупцијата во Косово. Денес тие се политички ривали.

Во парламентот нема консензус
Кога мандатот на Вјоса Османи истече на почетокот на годинава, Курти не ја поддржа за втор мандат. Тој изјави дека „претседателот треба да биде обединувачка и репрезентативна фигура“ и дека, според него, Османи „има политички амбиции“ и „бара директна поддршка од гласачите“.

Курти предложи претседателски кандидати од сопствената партија Самоопределување. Меѓутоа, пратениците од опозицијата не ги поддржаа.
Предвремените парламентарни избори – трети за помалку од 16 месеци – беа распишани откако косовскиот парламент не успеа да избере нов претседател по втор пат во април.

Вјоса Османи сега учествува на изборите како кандидат на нејзината поранешна партија, Демократскиот сојуз на Косово. Зборувајќи на еден предизборен митинг, таа им порача на поддржувачите: „Вие гласате за да одлучите дали Косово ќе биде држава на своите граѓани или држава само на еден човек“.

Ривалството Курти-Османи
„Курти и Османи се политичари со различни идеолошки ориентации, кои беа обединети поради политичката синергија на одреден момент, бидејќи претставуваа надеж за промена за граѓаните, особено кога станува збор за борбата против корупцијата“, вели за ДВ политичкиот аналитичар и професор по новинарство Арбен Фетоши.

Тој додава дека двајцата се разликуваат во својата надворешна политика и пристапот кон координацијата со меѓународните партнери, но дека за време на четиригодишниот мандат на владата на Курти, тие немале поголеми конфликти.

 

DW