Учесниците од врсничкото насилство во Аеродром се повикани во полиција

Снимката, на која се гледа физичко и психолошко малтретирање на девојче од група малолетници во населбата Аеродром, повторно го отвори прашањето за одговорноста на институциите, училиштата и родителите во справувањето со врсничкото насилство.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека лицата кои се гледаат на видеото се повикуваат во полициска станица на разговор. Воедно, со жртвата е разговарано во присуство на родител, а за случајот е известен и надлежен јавен обвинител, кој ќе ги преземе понатамошните чекори согласно законските процедури.

Во меѓувреме, дел од медиумите објавија и тврдења од очевидци дека уште вчера граѓани се обратиле во полициска станица за да го пријават случајот, но наводно им било кажано дека пријавата треба да ја поднесе девојчето кое е жртва на насилството. Овие информации засега не се официјално потврдени, ниту коментирани од Министерството за внатрешни работи.

Во текот на денешниот ден, случајот предизвика бран од револт на социјалните мрежи. Згрозени од уште еден случај на врсничко насилство, бројни граѓани коментираат дека ја изгубиле довербата во институциите и дека се уморни од, како што велат, нивното молчење и бавно постапување. Дел од нив, во афект, дури пишуваат дека би ја „зеле правдата во свои раце“, што ја отсликува растечката фрустрација и чувството дека институциите не реагираат доволно брзо и одлучно на ваквите случаи.

Во меѓувреме, неодамна министерката за образование и наука Весна Јаневска најави дека родителите на учениците кои физички напаѓаат или малтретираат свои врсници ќе се соочуваат со парична казна од 250 евра. Предлогот е дел од пошироките мерки со кои институциите најавуваат поодлучна борба против врсничкото насилство во училиштата.

 

 

 

skopjeinfo.mk