Нафтената компанија „Пуцко Петрол“, еден од најголемите добитници на државни зделки за снабдување со нафтени деривати, влегува во скопски „Бетон“, дознава Фактор ексклузивно, а информацијата за нас ја соопштија неколку неофицијални извори.
Според сознанијата на Фактор, трансакцијата со која „Пуцко Петрол“ ќе го купи скопски „Бетон“ на Минчо Јорданов, се уште не е помината преку Македонската берза, но се очекува тоа да се случи наскоро, објави Фактор.мк.
Засега не е позната сумата, ниту процентот на акции кој би го купила компанијата на Асмир Јахоски, син на поранешниот градоначалник на општина Пласница и сегашен пратеник од редовите на ДУИ, Исмаил Јахоски, од скопската градежна компанија „Бетон“.
Според податоците за компанијата објавени на Берзата, „Бетон“ минатата година ја завршил со огромна загуба од 12,4 милиони евра или близу 760 милиони денари.
Ова следува откако во 2020 година градежната комапнија имала минимална добивка од околу пет илјади евра, додека, пак, во 2019 година добивката изнесувала 639 илјади евра. Ова значи дека низ текот на годините работењето на „Бетон“ Скопје одело се повеќе во зоната на негативата, за лани да заврши со неславна бројка на загуба од 12,4 милиони евра. Во минатата година значително се намалени и вкупните приходи од редовните активности на компанијата.
Познавачите велат дека ваквиот неповолен финансиски резултат се должи не на некакво лошото работење или менаџирање на „Бетон“, туку на големите суми ненаплатени побарувања од државата, откако градежната компанија беше еден од главните изведувачи на проектот Скопје 2014, кој го започна власта на Никола Груевски.
Текстот во целост на: Фактор.мк.