Филков: Потребно е проширување на листата на кривични дела против безбедноста во сообраќајот

Во контекст на актуелните случувања во однос на безбедноста во сообраќајот во нашата држава, Министерството за правда е фокусирано на утврдување на можни измени и дополнувања во законите, со кои ќе се придонесе за значително зајакнување на безбедноста во сообраќајот, изјави денеска (7 февруари) министерот за правда Игор Филков на јавната расправа во Собранието.

„Со оглед на забележаното зголемување на несреќите, сметаме дека е неопходно итно да се разгледаат нови стратегии и решенија кои ќе вклучат: зголемување на санкциите за возачи кои ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот, потребно е да се подобрат казнените одредби во однос на прекршителите, поткрепени со детална анализа на практиката на изрекување и спроведување на казните. Ова ќе ни помогне да утврдиме дали во пракса казните се адекватни, дали преовладува тенденција на изрекување на поблаги санкции“, рече Филков пред пратениците и претставниците на институциите.

Министерот смета дека при изготвување на измени на законската регулатива, особено во делот на санкциите, потребно е да се тргне од тоа дали казните за прекршувачите на сообраќајните правила се соодветни и доволно ригорозни за да имаат одвраќачки ефект.

„Потребно е да се иницираат законски измени кои ќе ја прошират листата на кривични дела против безбедноста во сообраќајот. Потребна е измена и на тешките кривични дела кои вклучуваат опасност за животот и имотот на луѓето, како и на неукажувањето помош на лице повредено во сообраќајна незгода“, рече тој.

 

slobodnaevropa.mk